Don't Miss
Home / Вести / Седма седница на Владата

Седма седница на Владата

Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 7 седница, го разгледа и усвои Записникот од Четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан на 28 септември 2020 година, и врз основа на заклучоците и препораките на Комисијата за заразни болести ги донесе следните одлуки и протоколи:

Одобрена е организацијата на продолжен престој на учениците во основните училишта за одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа дневните центри за лица со попреченост со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протоколот за работа на дневните центри во услови на епидемија со КОВИД-19.

На предлог на Комисијата, Владата го усвои предложениот протокол и препорача отпочнување со организација за снимање со долгометражни филмови, со почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекција.

На денешната седница е усвоен и протоколот за работа на игротеките во услови на епидемија со КОВИД-19 и препорача строго почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекцијата и усвоениот протокол при вршење на дејноста. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.

Владата денеска го усвои извештајот на Комисијата за давање согласности за организирање настава со физичко присуство во училиштата за барањата на основачите доставени во периодот од 25.09.2020 до 29.09.2020 година.

Извештајот на Комисијата е на следниот линк http://vlada.mk/sites/default/files/img/izvestaj_za_vlada_7_29092020.pdf на веб страницата на Владата.

Владата на Република Северна Македонија на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за учеството на Република Северна Македонија во НАТО Процесот на одбранбено планирање – Трет чекор во процесот, доделување на Цели на способности, и го задолжи Министерството за одбрана да ги прифати предложените Цели на способности и наведените распоредливи способности за НАТО предводени операции, кое е обврзано редовно да ги следи сите обврски за Република Северна Македонија, да ги информира сите вклучени институции за следните чекори и да го координира целокупниот процес.

На предлог на Развојната банка на Северна Македонија, Владата денеска ја разгледа Информацијата за потребата за продолжување на рокот на отплата кај кредитите од Посебниот кредитен фонд (ПКФ)-Ковид 1, односно од Фондот за Енергетска ефикасност чии средства се пласираат под условите на ПКФ, и го задолжи Министерството за финансии да склучи Анекс кон Договорот за администрирање на посебниот кредитен фонд (ПКФ) бр.21-307/1 од 24.01.2011 година со кој ќе се овозможи, на барање на крајните корисници да може да одобрува продолжување на грејс периодот не повеќе од 3 месеци, како и соодветно продолжување на рокот на отплата на главницата не повеќе од 3 месеци.

Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија на компаниите од приложените список 1, список 3 и список 4 кои не ги склучиле договорите за кредит и не воспоставиле обезбедување да им дадат дополнителен рок од 10 дена за склучување на договорите за кредит и воспоставување на обезбедување, по што доколку не постапат ќе се смета дека се откажале од склучувањето на договорот и се бришат од списоците на одобрени кредити.

На оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за Програмата на економски реформи 2021-2023 година со Акциски план за реализација на препораките усвоени на Економско – финансискиот дијалог од 19 мај 2020 година, и се задолжени сите надлежни министерства и институциите одговорни за спроведување на програмата за економски реформи, да достават предлози на активности и рокови за нивна реализација преку кои ќе се исполнат Заедничките заклучоци наведени во Акцискиот план за реализација на препораките усвоени на Економско – финансискиот дијалог од 19 мај 2020 година.

На денешната седница, на предлог на Премиерот, Владата го назначи заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски за следење и спроведување на новиот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Во рамките на оваа точка, членовите на Владата потпишаа Изјава за прифаќање на одредбите од новиот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Владата денеска го разреши м-р Роберт Алаѓозовски од должноста Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка и го именуваше за Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, а Роберт Поповски е именуван за Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.

На денешната седница Владата донесе одлука времено да ја суспендира одлуката за флексибилно работно време за сите вработени во државната управа и, наместо сегашното работно време од 07:30 до 15:30 и од 08:30 до 16:30, од први октомври за сите ќе важи работното време од 08:00 до 16:00 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*