Don't Miss
Home / Вести / Силјан Мицевски:Старскиот дом во Битола не се изгради заради локалните власти

Силјан Мицевски:Старскиот дом во Битола не се изгради заради локалните власти

Проектот за изградба на домови за стари лица во Битола не е реализиран заради локалните власти, изјави бизнисменот Силјан Мицевски на вкрстеното испрашување од страна на обвинетиот Бојан Јовановски на денешното судско рочиште на процесот „Меѓународен сојуз“.

– Земјиштето во Битола, е во сопственост на фирмата, не е моја лична сопственост. Тоа го купив во јавен оглас. Комуналите беа платени. Јас сум убеден дека нереализирањето во Битола, е заради локалните власти, изјави сведокот Мицевски.

Во продолжение на својот исказ тој рече дека Владата во ниту еден момент не пружила помош за реализација на овој проект.

– Од ветувањата дека Владата ќе направи нешто, немаше ништо. Ако е владин проектот требаше заеднички да го тераме. Договорот што го потпишавме не е реализиран, ниту се обезбедени документи, дозволи, ниту парите се вратени, одговори Мицевски.

Тој претходно изјави дека на една од средбите во „Меѓународниот сојуз“ му било речено оти зад проектот со домовите за стари лица стои Владата.

– На еден состанок на „Меѓународниот сојуз“ јас прашав како може да се откупи земјиште без градежно одобрение и тука ми беше кажано дека тоа е проект на владата и ќе оди со европско знаме, изјави сведокот Мицевски, додавајќи дека не се сеќава кој точно му го кажал тоа, но дека имал голема доверба во Бојан Јовановски.

Бизнисменот Мицевски, на крај на својот исказ, рече ќе бара надомест на штета и враќање на парите што ги дал во износ од, како што тврди, 720.000 евра, сума што не му е вратена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*