Мудрите и паметните рекле: чувај се од суетни луѓе, кои мислат дека се знаат и дека нема попаметни од нив.
Во изминатите околу речиси пет децении новинарска кариера сум се среќавал со разни луѓе, кои благодарение на политиката направиле мошне богата политичка кариера.
Некои од нив во политичкиот врв се искачиле не заради тоа што биле многу паметни, туку благодарение на своето “знаење” и “умеење”, вешто да пливаат во немирните политички води.
Благодарение на таквите “вештини” во изминатиот период многу безначајни личности во Битола станале
“ моќни “политички фигури кои ведреле и облачеле во градот.
Таквата “селективна “ кадровска политика на политичките партии, Битола доста скапо ја плаќаше и затоа денес градот е таму каде што е, последната станица каде застанува возот.
Во изминатите децении од македонската независност Битола скапо ја плати цената на лошата кадровска политика, со градот да управуваат луѓе кои не би можеле да водат ни куќен совет.
Да не знае човек, не е некој голем грев.
Но да не знаеш, а да се правиш дека знаеш се и дека си најпаметен во градот тоа навистина е сериозен проблем кој граѓаните на Битола доста често скапо го плаќаат.
Благодарение на огромната суета, од страна на екс градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, за време на нејзиниот мандат беа стопирани бројни иницијативи и проекти, беше закочен процесот на легализација на објектите, а речиси целосно беа стопирани иницијативите за измени на Дуповите и за градба, кои со години седеа во фиоките на Општинската администарција.
Но два случаи ќе останат во колективната меморија не само на новинарите, туку и на битолчани.
Најпрво градоначалничката Наташа Петровска водена од својата суета дека е најпаметна во градот, со оспорувањето на легализацијата и судскиот процес кој го покрена ја спречи реконструкцијата на планинарскиот дом # Копанки #.
Наместо со своите “експерти” и служби да седне и да најде најдобро решение за реконструкција на пеплосаниот дом “Копанки , таа одлучи да покрене судски спор за легализацијата на Домот, кој на крајот од мандатот по неколку години судења го изгуби.
Иако на почетокот на својот мандат, во текот на предизборната кампања изјави дека во нејзиниот мандат ќе пие чај на # Копанки # сепак тоа не се случи.
Но со нејзините суетни политики ги доведе и сите љубители на Пелистер да не се напијат чај на #Копанки”
Однесувајќи се како да е најдобриот “ескперт” и адвокат во градот, Петровска одлучи по судски пат да му го одземе домот # Копанки # на ПСК # Пелистер # и поведе судски спор, кој на крајот го изгуби.
Но како и сите суетни лица откако го изгуби спорот со пресудата на Вишиот управен суд, таа се изгуби и ни збор не кажа за случајот. Не најде сили дури да им се извини на планинарите и јавноста за изгубениот судски спор.
Претходно екс градоначалничката Наташа Петровска водена од својата суета влезе во судски спор и со изведувачот на улицата “ Климент Охридски “ кај “Водовод”.
Наместо да се соочи со своите пропусти и слабости, таа влезе во судска постапка со изведувачот на улицата, која се градеше речиси половина од нејзиниот мандат, за на крајот да ја асфалтира фирма од Зајас.
Во 2021 година, при крајот на мандатот екс градоначалничката Наташа Петровска влезе во спор со сопственикот на болницата # Плодност # Таше Трпчевски и се направи да ја спречи изградбата на новата болница на # Плодност#.
Наместо како градоначалничка, во согласност со законските прописи да направи се таа инвестиција која му е и те како потребна на градот да се реализира, Петровска, вдена од својата суета, која некогаш преминуваше во злоба, со своите “експерти “ од петни жили се заложи д-р Таше Трпчевски да не ја изгради болницата.
Во својата пакост отиде дотаму што на д-р Таше Трпчевски, со своите ментори му накалеми дури и кривична пријава за наводно бесправно градење и му се закани со затвор.
Деновиве на битолската политичка сцена сме сведоци на сосема различно однесување на тие кои го раководат градот.
За само неколку месеци од изборот се изградија десетина улици и други инфраструктурни зафати.
Но тоа што паѓа в очи е што деновиве локалната самоуправа во договор со ПСК #Пелистер# конечно излезе со решение и издвои околу 62 илјади евра за реконструкција на # Копанки”
Со тоа се чини дека наскоро ќе почне реконструкцијата на # Копанки # и на радост на големиот број љубители на планината и планинарите ќе имаме можност конечно по 9 години од пожарот да пиеме чај во домот.
Деновиве е ставена точка и на случајот со (до)изградбата на болницата # Плодност #.
Имено локалната самоуправа откако направи ревизија на целиот случај се договори со сопственикот на # Плодност # тој да уплати комуналии во износ од 112.000 евра и конечно да добие одобрение за градба на болницата.
Така надвор од судските лавиринти ставена е точка и на овој случај, па така може да се очекува наскоро Битола да добие нова современа болница,во која покрај малите деца ќе можат да се прегледуваат и лекуават и возрасните.
За само кусо време се најде решение за два случаи кои со години ја оптеретуваа Битола.
Овие два случаи се најдобра потврда дека кога политичарите наместо суетата ги води позитивната мисла и добрите намери секогаш може да се дојде до добро,квалитетно и пред се законско решение.
Ова непишано правило да го знаеше Наташа Петровска и да знаеше навреме да се ослободи од својата суета, не само што во Битола одамна ќе беше реконструиран домот # Копанки # и веќе ќе беше изградна новата болница на # Плодност # туку ќе беа реализирани бројни други инфраструктурни проекти и капитални инвестиции, а и Наташа немаше да има таков неславен политички крај и на крајот на мандатот да се скара не само со опозицијата, туку и со своите политички другар(к)и, а на крајот дури и со самата себе.
Но така е тоа кога во политката луѓето кои на функција дошле со гласот на народот, подоцна граѓаните ги гледаат како Тикви, а градот како Тикварник, специјалитет кој таа најдобро знаше да го подготвува, но за жал не за себе и своите наблиски, туку за нејзините политички противници и опоненти.
Комплетната колумна можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник кој излегува утре, на 29 јуни