На денешното судење на обвинетите од Меѓународниот сојуз обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска пред Основниот кривичен суд денеска во воведен збор на судењето за големата измама со Меѓународниот сојуз на обвинетиот за измама и перење пари Бојан Јовановски-Боки 13, кажа дека има несоборливи докази како лажејќи дека тоа е организација на Европската унија, им земал речиси милион евра за бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски и како со помош на уште тројца обвинети тие пари ги испрал.
„Хуманитарна организација да осниваш и да ја водиш е гордост за секој човек, но да ја формираш и од почеток да лажеш дека е европска организација, е девијантен криминален ум. Како почнала оваа голема измама? Се формира организацијата на собрание, за претседател е избран Бојан Јовановски, наводно од повеќе кандидати од непостоечката хуманитарна организација. На 8 јуни 2017 е усвоен акциски план, каде во точка 3 е предвидена изградба на европски центар за возрасни лица и тука почнува измамата“, ги почна воведните зборови Русковска.
Обвинетиот Јовановски на бизнисменот Сиљан Мицески, сопственик на фирмата „Пелистер“ од Битола и на струшкиот бизнисмен Адријан Амзоски, сопственик на градежната фирма „Дрим билдинг“, лажно им прикажал факти дека ќе гради европски центар за згрижување на возрасни лица.
„Во периодот од 08.07.2017 до 13.04.2018 првообвинетиот како претседател на обвинетата невладина организација, ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените, вака доведени во заблуда, на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Второобвинетата Ерцеговиќ, откако првообвинетиот ќе ѝ дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со Јовановски“, наведе Русковска, која притоа додаде дека во текот на судскиот процес ке се види како Миле Јовановски со позајмица од 226.550 евра префрлил на ‘БМЈ груп’, а човекот од 1991 година е невработен. Ерцеговиќ на ‘БМЈ груп’ и на 1ТВ, пак, префрлила 240.000 евра без никакво покритие. Обвинителството за организиран криминал и корупција поседува несоборливи докази за сите овие обвинувања и пред судот ќе ја докажеме вината на сите обвинети во судницава“, рече Русковска.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари на милион евра земени од Силјан Мицевски и од Адријан Амзоски. Ерцеговиќ е обвинета за помагање на Бојан Јовановски во вршење на овие две кривични дела, а Ташева-Ременски е за измама и за помагање на Јовановски. Асистентката на Боки 13 Кристина Блажевска е обвинета за измама, помагање и перење пари. Таткото на Боки 13, Миле Јовановски е обвинет за перење пари и неовластено држење на оружје.