Грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа од партискиот настан организиран од СИРИЗА во Солун, порача дека со Договорот од Преспа, левицата не ја продала, туку ка спасува културното и историското наследство на грчката Македонија.
Во 50 минутниот говор, Ципрас рече дека цели 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“, пренесува МИА од Атина.
– Граѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја. Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја, рече Ципрас и порача дека „соседната земја само кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име“.