Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски,на првиот ден од новата учебна година, ги посети основните училишта Тодор Ангелевски, Кирил и Методиј и Даме Груев, посакувајќи им успешен почеток на учениците од сите основни и средни училишта. Градоначалникот Коњановски информираше дека, од оваа година, согласно планираното во неговата програма, за првпат првоодделенците ќе добијат еднократна финансиска поддршка. Ова истовремено значи прифаќање и на неодамнешната иницијатива на една советничка група, а доделувањето на средствата ќе следува по ребалансот на буџетот и донесувањето на одлуката од Советот. За првоооделенците, општината обезбеди и донација преку Програмата за активности во областа на спортот и младите со која ќе се надополнат реквизитите за спортски активности во сите 12 основни училишта. Битолските основни и средни училишта, подготвени ги дочекаа учениците, а општината веќе работи на проекти кои ќе придонесат за подобрување на условите во повеќе училишта:
Денес, започнува првиот училишен ден за 11.304 ученици во основните и средните училишта во општина Битола. Секако дека, првиот училишен ден е најважен за првооделенците, кои од денес го започнуваат своето школување. Во Битола, оваа година имаме 783 првачиња, (за жал за 44 помалку првачиња од минатата година кога биле 827) и 965 ученици кои го започнуваат средното образование.
На сите ученици, сакам да им посакам добро здравје, многу успех и постигнување на високи резултати, кои ќе бидат мотив повеќе за континуиран напредок во нивното образование.
Основните и средните училишта во општината, подготвени се за новиот почеток на учебната година, а како локална самоуправа веќе работиме на повеќе проекти, чија реализација, верувам дека ќе донесе подобри услови во училиштата, но истовремено и ќе одговори на наметнатите проблеми од актуелните кризни ситуации.
Конкретно, за малото училиште Даме Груев во тек е изработка на проект за реконструкција на фасада, покрив и замена на дел од дограмата.
Во досегашниот период извршено е мапирање на состојбата на сите основни и средни училишта и детски градинки, со цел согледување на можноста за поставување на фотоволтаици на училиштата каде се направени потребните реконструкции во делот кој е поврзан со зголемување на енергетската ефикасност, односно заштеда на енергија и намалување на загубите.
Исто така, аплициравме на повик за добивање средства за реконструкција на енергетски ефикасна фасада на централното училиште Даме Груев, како и промена на постоечкото осветлување со лед осветлување и промена на дел од застарената дограма.
И покрај недоволните средства кои стигнуваат за училиштата од министерството, во овие услови на енергетската криза и зголемените цени на енергенсите, како и најавеното зголемување на цената на електричната енергија, презедовме соодветни мерки за обезбедување на стабилна состојба во битолските основни и средни училишта, во однос на греењето во претстојната грејна сезона.
Со договорот за снабдување со екстра лесно масло за греење, дел од училиштата имаат и залиха, но имаат и можност за нови нарачки. Постапката за нов договор за следната година, ќе биде завршена пред почетокот на грејната сезона, така што општината од сите аспекти е обезбедена во однос на снабдување со екстра лесно масло за греење“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Во однос на превозот на учениците, веднаш по завршувањето на усписните рокови за средните училишта и добивањето на конечниот број на запишани ученици за кои треба да се обезбеди бесплатен превоз, спроведена е и постапка за јавна набавка за превоз на ученици.
И покрај сите предизвици и кризи, локалната самоуправа верува дека успешно ќе се реализираат сите планови поврзани со нови инвестиции и подобри услови за учениците.