Don't Miss
Home / Вести / Со вувузели не се игра тешкото

Со вувузели не се игра тешкото

               

По неколку дневна вербална битка против Францускиот предлог,  на  каква што досега не сме биле сведоци,  во    Собранието  на Македонија владее длабока, дури би рекол мртва   тишина.

Деновиве не е толку тензично ни пред Парламентот.

Борците за независна, самостојна, суверена држава, европска (Северна ) Македонија како да се уморија од неколкуденвната битка за спас на државата од Бугарија.

Во воздухот не се чувствува (по)веќе ни Бугарската “прдешка” со која ги почести заминичката координаторка на ВМРО ДПМНЕ.

Остана во воздухот да лебди  само прашањето на што се сведе Македонскиот парламент и колку политиката ги менува луѓето во каракеторот и однесувањето.

Не знам точно кој бил менторот на тактиката на опозицијата на таков начин да се напаѓа власта, а да се брани суверенитетот и дигнитетот на државата, која за опозицијата сеуште е Република Македонија, а за власта Северна Република Македонија.

За мене лично не знам кој како инструмент  на опозиционите пратеници им ги препорачал вувузелите  во битката со “мрсниците” од власта, но тој што им ги препорачал очигледно не го знаел добро значењето на вувузелите.

Вувузелата е еден вид на труба, или рог,  која најчесто ја користат гледачите на фудбалските натпревари во Јужна Африка.

Таа произведува монотон звук сличен на рикање на слонови.

Користењето на вувузелите е контроверзно. За време на ФИФА Купот на конфедерации во фудбал 2009 година во Јужна Африка вувузелите станале карактеристичен декор, па ФИФА одлучи да го допушти користењето на вувузелите за време на Светското првенство 2010 год.

Играчите, а посебно коментаторите, звукот на вувузелата го опишуваат како иритирачки и го споредуваат со „стампедо на бучни слонови”, со “заглушувачка наезда на скакулци”, со “звук на кози пред колење”и со “големо јато на бесни пчели”

 Иако во изминатите денови додека траеше расправата по Предлогот на Макрон во салата за  одржување на пленарсни седници немаше ни слонови, ни скакулци, ни кози, ни пчели,  пратениците на опозицијата се обидуваше со вувузели да ги “пригуши” дискусите на пратениците  од власта, за да ни тие, ни македонската јавност  не можат да ги слушнат аргументите зошто  власта го поддржува  Францускиот предлог.

Колку и да се обидувам никако не можам да разберам зошто опозицијата со вувузели се обиде да ја брани Македонија.

Иако ние  по многу работи сме многу полоши од Јужна Африка, каде вувузелите се национален инструмент, сепак мислам дека сеуште не сме Африка.

Далеку подобро ќе беше доколку опозицијата, како пред десетина години кога се расправаше за (не)усвојување на буџетот, се обидеше да ја “замолчи “ власта со  тропање  во тенџерња, бидејки тенџерињата се  дел од македонските “фолклор” во кујните, а особено кај нас добро звучат празните тенџериња какви што поради економската и енергетската криза во последно време ги има во се поголем број.

 Но шегата настрана, Македонија по неколку дневни тензични и во одреднеи денови мошне радикални протести, во кои видовме се и сешто го усвои Францускиот предлог за почетокот на преговорите за влез во ЕУ.

Иако остварија и лидерска средба, сепак двајцата главни лидери во државата, Ковачевски и Мицкоски не успеаја да најдат заеднички јазик за Францускиот предлог.

        А  кај нас тоа како да стана правило, доколку лидерите не се сложат, пратениците уште помалку.

        И да не биди во стилот на екс лидерот на Демократска Алтернатива, Васил Тупурковски кој на скараните жители на Вевчани и Октиси околу водата во осумдесеттите години  им рече дека  едните и другите се во право, колку и да звучи  (не)одговорно овој пат мислам дека Мицкоски и Ковачевски требаше да одберат  сосема друга стратегија за презентација на нивните ставови околу предлогот на Макрон, кој има и добри, но и лоши страни и скриени намери.

         И власта и опозицијата  треба да сватат  дека  процесот на преговори за влез во ЕУ е долг и болен процес и дека тој не е ни  партиска определба, ни само на  СДСМ ни на ВМРО ДПМНЕ.

        Тоа е определба и стратешка цел на најголемиот дел од македонскиот народ и сите народи и народи кои живеат во Македонија, кој по Реферндумот за својата независнот плебисцитарно се определи за  влез во НАТО и  рамноправно членство во ЕУ.

        Без национален консензус и без внимателно и аналитичко и научно читање на било кој предлог и материјал кој доаѓа од Бриесел нема добро решение за државата.

        А кога станува збор за толкувањето на предлозите од ЕУ,   потребна е стручна, аналитичка и пред се конструктивна расправа и дебата, без вувузели.

        На вувузелите не им е местото во Парламентот.

        Ним им е местото на стадионите, каде дувањето о нив е со цел да се збуни противникот.

        Со  дување во нив не само ништо нема да решиме од проблемите со скои се соочуваме во прегворте за влез во ЕУ, туку  самите ќе се издуваме   во некои непознати  простори, од кои нема враќање.

         Додека кај нас сеуште многумина пратеници и политичари постојано ни продаваат патриотизам и борба за зачувување на суверенитетот и интегритетот на државата и националниот идентитет, илјадници Македонци секој ден, своеволно, непринудени од никого, туку само од сиромаштијата и бесперспективноста во  државата, во која се родени, со изјави на нотар секојдневно  доброволно стануваат Бугари.

Но за такавата бугаризација и асимилација на Македонците  не зборува никој од македонските политичари, ни од власта, ни од опозицијата, а што е уште посимптоматично никој  од нив не го поставува во Брисел проблемот што Бугарија ги  условува и принудува македонските граѓани за да добијат бугарски пасош “доброволно “  да се изјаснуваат дека се Бугари и имаат бугарски корени.

        Тие кои што не веруваат во ова можат да се уверат секој ден доколку навратат кај Бугарскиот конзулат во Битола, каде десетици Македонци  секојдневно  молат и коленичат да станат Бугари.

        Затоа наместо на патот за ЕУ патриотизмот да се искажува со дување во вувузела или беспоговорно прифаќање на се што ќе стигни од Брисел,  македонските политичари време е да заборават на своите  политички суети и да се надминат себеси  заеднички да го играат ова оро, кое е далеку потешко од Тешкото.     

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*