Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот, што дополнително би можело да влијае врз натамошно зголемување на загриженоста и вознемиреноста кај јавноста заснована на неточни информации и сензационализам.
Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (19 жалби или 70 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32% од пријавените случаи.
На уредниците им укажуваме дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, а медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните со професионално информирање.
Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32%). Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање.
Новинарите мораат да внимаваат и на начините на кои ги објавуваат и преземаат агенциските вести и информациите од странски медиуми, особено кога се засноваат на официјално непотврдени информации коишто во одредени случаи се користат како извесен епилог од кризата. Во дел од случаите пријавени до СЕММ уште во самите наслови не се наведува изворот на информацијата, со што се добива впечаток дека се работи за очигледен факт.
Позитивна практика е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, а во оваа насока Комисијата за жалби при СЕММ ја поздравува и подготвеноста на медиумите да се коригираат кога ќе се утврди пропуст во содржината.
Истовремено, СЕММ упатува остра осуда на говорот на омраза и дискриминација присутен на социјалните мрежи, а медиумите ги повикуваме да се дистанцираат од натамошно пренесување на таквиот говор или, пак, да учествуваат во неговото професионално разобличување. Притоа, повторуваме дека борбата против говорот на омраза е регулирана со закон, тоа не е само прекршување на Кодексот, туку е и кривично дело и, во такви ситуации, органите на системот се првоповикани да истражат и да санкционираат.
СЕММ продолжува да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои сѐ уште не се негови членки и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите како предуслов за професионално известување.