Со концерт на групата „Меморија“, синоќа на Ракометното игралиште, заврши 14 издание на битолското културно лето „Бит Фест 2022 “.
Содржините кои беа дел од програмата, согласно целта на организацијата дадоа концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои учествуваа на “Бит Фест“.
На затворањето на фестивалот, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:
-Сакам да се заблагодарам на сите оние кои беа учесници на годинешниот “Бит Фест „2022, во мое име, во име на луѓето од Општина Битола кои се заложија се да биде како што треба, Советот на Општина Битола, но најмногу до музичарите, уметниците и до Вас, граѓаните кои дадовте поддршка на сите манифестации. Посетеноста на настаните, од над 40.000 посетители во изминатите 77 дена е потврда за успехот кој го постигнавме, поаѓајќи од желбата да изградиме еден сосема нов концепт на битолското културно лето, токму онаков како што и доликува на Битола.
Реализиравме 140 настани од официјалната програма на “Бит Фест “, меѓу кои 9 фестивали, 64 музички концерти на класична, поп, рок, џез музика, како и музика низ која се слушаше народниот мелос, 10 изложби, 25 филмски проекции, 20 театарски претстави, уметнички перформанси и други настани низ кои се промовираше културното наследство и традицијата.
Дополнително, осум фестивалски денови со фестивалот „Браќа Манаки“, Битола го славеше филмот и големите кинематографери, а градот беше еден од најважните фестивалски центри во Европа.
Имавме гости од над 15 земји од светот, но истовремено ја негувавме и промовиравме и македонската култура и традиција,рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.