Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од среда излегува на протести. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес конференција најави дека протестот ќе почне пред Министерство за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика.
Имаме скапа струја, а сиромашен народ, рече Мицкоски велејќи дека тоа е првата причина за која ќе протестираат. Не смееме да дозволиме богата влада а сиромашен народ, порача Мицкоски.
„И ова е отворен повик да се обединиме за да ја зачуваме државата и да ги заштитиме граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши во мафијата, а сиромашен народ. Мора да се избориме за систем, вредности и иднина. И како што реков, мафија не се руши само со една битки, туку со многу битки и труд, а ова е почетокот на нивниот крај. Ние од тука тргнуваме.“ – рече Мицкоски.
На прашање, какви се нивните планови за следните протести, Мицкоски одговори дека во зависност од однесувањето на Владата, така и тие ќе се однесуваат, но рече дека ова ќе бидат мирни протести. Мицкоски најави и борба против власта преку институциите, односно во парламентот. Реагираа од СДСМ. Мицкоски продолжува со деструктивното, незрело и неодговорно однесување на штета на граѓаните и државата. Протестите што ги најави, според СДСМ, се последните обиди на Мицкоски за спас на неговата фотелја во Белиот дворец.
„Христијан Мицкоски упорно не се откажува од определбата земјата да оди назад. Еве го, ќе протестира против европскиот пат и патот кој го избраа граѓаните, патот напред. Мицкоски ќе протестира против борбата со Ковид 19, против повисоки плати, ќе протестира против европскиот пат и патот кој го избраа граѓаните, патот напред.“ – изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Граѓаните на изборите му упатија јасна порака на поразениот Мицкоски, го оставија во опозиција, нагласуваат од СДСМ и велат дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ, кој нема поддршка од граѓаните, нема повторно да успее.