Фокусот на нашите разговори мора да биде иднината меѓу двете земји. Треба да сме одлучни, и да правиме чекори кои не водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји, истакнал премиерот, Зоран Заев, на денешната средба со министерот за надворешни работи на Грција, Николаос Коѕијас, соопштуваат од Владата.
-Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција – рече тој.
Заев додаде дека останува понатаму да се усовршуваат билатералните односи, затоа што, додаде, граѓаните на двете земји, ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање.
Коѕијас на средбата потенцирал дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање. Тој истакнал дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање, и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.