Don't Miss
Home / Култура / „Срцето на Халиско“ од Гвадалахара атракција на „Илинденски денови“

„Срцето на Халиско“ од Гвадалахара атракција на „Илинденски денови“

Фолклорниот ансамбл „Срцето на Халиско“ од Гвадалахара, Мексико, ќе биде главна атракција на претстојниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.

Од Центарот за култура- Битола, домаќин и организатор на фестивалот, информираат дека успешно завршиле преговорите и ансамблот ќе гостува од 29 јули до 1 август.

– Најновото 46 издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој е член на Светската асоцијација на фестивали CIOFF, и годинава го задржува и негува силниот интернационален концепт. Успеа да ги обезбеди атрактивните членови на „Срцето на Халиско“ од Гвадалахара. Но, освен нив, публиката ќе има можност да види ансамбли и од Бугарија, Северен Кипар, Шпанија, Турција и секако од нашата држава, истакна директорот на Центарот за култура Борче Димитровски.

Според програмата, годинава на „Илинденски денови“ ќе настапат над 1.000 учесници, а ден пред почетокот на фестивалот ќе биде промовирана монографијата „Народната култура – трајна инспирација, 40 години детско творештво“ од Валентин Соклевски.

– Разновидната програма ќе биде заокружена со концерт на македонски народни песни „Ноќ спроти Илинден“, проект на нашиот еминентен композитор Николче Мицевски кој во античкиот локалитет Хераклеа ќе го премовира музичкиот албум „Македонски непокор“ и во чест на наградените учесници на фестивалот, ќе настапат Наум Петрески, Андријана Јаневска, Зуица Лазова, Кирил Митовски и групата „Фонтана“, рече Димитровски.

Фестивалот „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*