Со цел да се реши политичката криза во Македонија, пред нецели 4 години, во населбата Прижно во Скопје, со благослов на четирите најголеми политички партии од македонскиот и албанскиот блок, како и европските медијатори, беше одлучено пред секои редовни или предвремени избори, на 100 дена пред нивото одржување да се формира “ техничка влада “, која ќе ја предводи технички премиер до завршувањето на изборите.
Со формирањето на техничката влада, на чие чело ќе биде технички премиер се мислеше опозицијата, која ќе ги добие ресорите во МВР, Министерството за труд и социјална политика, земјоделие и информатичко општество и админситрација, кои беа оценети како министерства во кои наводно се кроеле “изборните нерегуларности и кражби”, во Македонија ќе може да се организираат, слободни, фер и демократски избори, по чие завршување ниту една политичка партија не ќе може да приговара дека биле нерегуларни.
Така по договорот во Пржино , Никола Груевски по 11 години власт, си замина од премиерската функција и на негово место за технички премиер дојде неговиот кадар, Емил Димитриев.
Во согласност со Пржинскиот договор пред претстојните избори закажани за 12 април и премиерот Зоран Заев се повлече од премиерската функција и истата му ја додели на Оливер Спасовски.
Со ваквиот начин на организирање на парламентарните избори се мислеше дека опозицијата, со влегуцањето во Владата, колку- толку ќе може да учествува во подготовката на предвремените парламентарни избори и ќе има контрола како истите се одржуваат.
Македонскиот модел од Пржино, за организирање на парламентарни избори со “ т.н техничка влада” деновиве го посакуваат и бараат опозицијата во Србија и Црна Гора, кои не кријат дека само доколку се прифати рецептот на Македонија, тие би излегле на изборите. Во спритивно истите би ги бојкототирале.
Иако македонскиот модел на избори со “техичка влада “ земјите од соседството се обидуваат да го применат кај нив, сепак токму Пржинскиот модел на организирање на изборите ги покажува сите свои мани, слабости и недостатоци.
Така во времето кога за прв пат се формира техничка влада по заминувањето на Груевски, министрите и дополнителните министри од опозицијата, кои влегоа во министерските кабинети, наместо да се зафатат со организирање на фер и демократски избори и со обврските за кои беа назначени, почнаа да изигруваат тајни агенти, кои цело време се занимаваа(т) со “чешлање” на (не)сработеното на своите претходници.
Иако свесни дека за три месеци неможат да направат чудо и буквално ништо за расчистување на криминалот на власта на Груевски, тие упорно, што би рекле 24 часа на ден, “копаа”, барајќи криминал кај нивите претходници.
Така тие денови наместо со изборите, дополнителните и техничките министри држеа секој ден прес конференции на кои ја (дез)информираа јавноста за наводните криминалии на нивните претходници.
И наместо по смената на власта да ги процесуираат таквите свои наоди и тврдења, по нивното вдомување во министерските кабинети јавноста ниту слушна, ниту виде нешто за организираниот криминал, кој го направиле нивните претходници.
Истата приказна, во друго издание и сега ни се повторува.
Деновиве сме сведоци како министрите и дополнителните министри на ВМРО ДПМНЕ се занимаваат со претходниците кои ги извршуваа министерските, или заменичките функции.
Владата наместо да се занимава со организирање на изборите единствено се занимава со поништување на одлуките, или решенијата на “техничките “ и дополнителните министрѕ поставени од опозицијата.
Во зависност од тоа кој ресор го раководат техничките или дополнителните министри пак секој ден носат решенија за разрешување на раководните кадри поставени од СДСМ и именување на свои (не)партиски кадри кои решенија не остануваат на сила ни едно денонокие.
Деновиве бевме сведоци на бројни случаи како се одвива (не)соработака на техничките и постојните министри.
Владата речиси секој ден држи седници, на кои по итна постапка ги поништуваат решенијата за именуваните раководни лица од страна на техничките министри.
Најдобар пример за (не)функционирањето на техничката влада е што деновиве дури во раните утрински часови од министерската функција беше разрешена сега веќе екс министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која според техничкиот премиер, Оливер Спасосвки со своето однесување да држи прес конференции пред банерот на кој стои името Република Македонија го крши Преспанскиот договор и ги нарушува “ добрососедските “односи со соседна Грција.
Ваквото ( не)функционирање на Пржинската влада е најдобар доказ дека таа нема иднина и дека по одржувањето на прдвремените парламентарни избори на 12 април, власта, без разлика која и да биде да ја прекини таквата пракса и да ја спречи ваквата натамошна рашомонијада.
Македонија е на чекор до почеток на преговорите за ЕУ.
Без разлика колку долго ќе траат тие преговори, Македонија треба да направи се конечно во државата да функционираат инстиуциите и да му се стави крај на ваквите “купи-продај “политики.
Македонија не е и не би требало да биде “Кванташки пазар “, во која политичарите во зависност од потребите и дневните политики, ќе тргуваат со законите и законските прописи.
Без кредибилни институции и легитимно избрани Влади нема ништо од европската перспектива на државата.
Со избор на технички или привремени влади за една употреба нема ништо од европската перспектива на државата.