Don't Miss
Home / Интервјуа / Трифун Костовски: Човекот е најголемото богатство, кој кај нас се цени само кога има избори

Трифун Костовски: Човекот е најголемото богатство, кој кај нас се цени само кога има избори

Додека најголемиот број македонски  политичари, бизнисмени, или обични граѓани  во последно време во политиката влегуваат пред се заради остварување на своите лични амбиции и интереси, познатиот македонски бизнисмен, политичар, ексградоначалник на Скопје,  филантроп и спортски работник, Трифун Котовски, кој е претседател на Здружението “Човекот пред се“, во последно време е свртен кон човекот, кон обичните луѓе и нивните проблеми. Здружението на чие чело тој се наоѓа, во фокусот на своето внимание го има пред се човекот. За програмските определби на Здружението “Човекот пред се“ и актуелните политички случувања во државата, деновиве разговаравме со Трифун Костовски,  кој за Битолски весник даде специјално интервју.

001

Битолски весник: Господине Костовски, Вие како прв човек на Здружението на граѓани “Човекот пред се“, во преден план го ставате човекот. Кои беа мотивите да се определите за формирање на вакво здружение, во кое ќе се занимавате со човекот?

Трифун Костовски: Мотивот е мошне едноставен. Мотивот е човекот. Кога зборуваме за човекот сакам да потенцирам дека човекот е најголемото богатство на секое општество. Мислам, човекот е дел  од се, од  флората и фауната, но како битие се разликува по својот начин на живот, начин на развивање и начин на  живеење. Ако погледнете во светот на флората и фауната секаде постојат непишани закони, единствено кај човекот постојат закони, прописи устави, по  кои  ние мораме да го уредуваме живеењето меѓу луѓето. Некако како во овој временски период на едно брзо трансформирање на општеството од социјалистичко во капиталистичко, луѓето добиваат погрешна претстава дека (нај)битни се парите, дека човекот не е битен, дека е битна само  материјалната вредност. Ако погледнете од неговото раѓање до неговото зреење, како човек кој треба денес да даде придонес  во ова општество, денеска едноставно и среднистите дали е водоинсталатер, механичар, лаборант, медицинска сестра, или со високо образование, сите бараат пат да избегаат од Република Македонија.

Тоа прво како инвестиција, иако човекот по ништо не треба да биде мерливо од вредносен аспект, го чини секое семејство меѓу 300 и 500.000 евра. Тоа значи од бебе да го направите човек, кој треба да формира сопствено семејство да воспитува нови генерации и да битисува, да живее, да работи,  да создава за себе, да создава  за државата едно општествено богатство. Причината за тоа што Македонија поминува низ еден многу тежок период, во кој човекот се споменува, се гледа само како човек кој треба да го даде гласот, бидејќи  се уште не ги научивме овците и кучињата и сето наше опкружување да гласа, туку  мора да биде човекот кој ќе гласа. Тоа е, најблаго речено, срамно. Се сеќаваме на човекот и неговото значење само кога ќе треба да гласа.

Ако еден човек како инвестиција чини 500.000 евра, таа инвестиција по законот на нештата, тој денеска има вредност од 2,5 до 3 милиони евра, во коишто во својот животен пат  и тој ќе направи живот за себе, живот за сопствените семејства, значи тоа е најголемиот капитал што ние го имаме, човекот.

Денеска ако погледнеме  од Македонија заминаа повеќе од 400.000 луѓе, претежно работоспособно население. Дали се  занаетчии, или со одредени професионални дејности, земјоделци, градинари, водоинсталатери, болничарки, лаборантки, доктори… Тоа е болна и тажна глетка, кога гледате млад човек како си заминува од земјата туку-така. Дури морам да кажам што ме пече совеста нашите надлежни, Владата, која е првата институција која би требало најмногу да биде загрижена за тие граѓани, едноставно гледа на неговото заминување како олеснување, бидејќи ќе му се намали бројот во Заводот за вработување, ќе добие подобар процент и преку тој процент ќе го покаже колку е “успешна“ оваа влада.

Жалосно е, но тоа е тоа. Ние за обично милениче, куче или маче, ќе дадеме по 100, 200, 300 евра, ќе го чуваме, ќе го растеме, ќе го шетаме, ќе го носиме на ветеринар, бидејќи  ни е пријател.  Каде е тука човекот? Човекот го нема. Човекот си заминал. Што е најболното, тој човек кој е работоспособен,  тој е  природно репродуктивен. Тој ќе ми го создаде идното мое потомство, овде да остане, на овие терени, овдека да си ја гради и бара својата иднина.  Тоа беше еден од основните предизвици  што  се одлучивме да го формираме ова невладино здружение “Човекот пред се“. Во оваа прилика сакам да нагласам дека ние немаме намера да прераснеме во политичка партија, туку, напротив, сакаме да бидеме како еден коректор на политичките партии, да го третираат човекот не како бројка, туку како човек, кој има свои потреби, свои заслуги и секако да си го добие своето место во општеството.

Б.В.:Вашиот лајт-мотив на делување на Здружението е дека човекот е најголем капитал на општеството. Како дојдовте до ваквото сознание?

Т.К.: Во нормалниот свет со новите технологии имате денеска и Интернет, социјалните мрежи, не можеме ништо од сето тоа да направиме ако не го ставиме човекот во функција. И да имате најсовремена технологија, што во некои наврати се случило, поради неукоста на  човекот, таа не може да се стави во функција без човекот. Значи ми треба мене човекот за да ја стави цела таа работа во функција. Ми треба човекот кој ќе биде наоружан со знаење да може сето тоа да го управува, да има добробит и самиот тој како поединец, но и општеството.

Б.В.: Во последно време сведоци сме кога токму човекот, поточно обичниот човек, е на маргините на интересирањето на општеството. Според Вас, дали има шанса покрај вашето здружение и другите надлежни државни институции да се свртат кон човекот?

Т.К.: Мене ми е криво дека во овие предизборни моменти одредени партии го спомнуваат човекот во центарот на вниманието. Мене ќе ми биде мило не да го уптребуваат само како флоскула, туку едноставно да ја сфатат суштината за што е тоа човекот. Да видиме што ќе покаже времето. Во секој случај ние како невладина организација ќе настојуваме тука преку медиумите да промовираме неколку спотови, што значи да се биде во сопствената земја, што значи да си ја градиме иднината тука свои на своето. Јас сум шетан човек, што би рекле битолчани, и затоа слободно можам да кажам дека поубаво место од Македонија не сум сретнал. Тоа е нешто најубаво кое го сакам, го обожавам и подготвен сум многу работи да сторам за мојата Македонија.

Б.В.: Како ја оценувате состојбата во која се наоѓаат обичните луѓе во Република Македонија?

Т.К.: Да не кажам жалосно. Жалосно. Денеска обичниот човек го направивме да биде зависник. Ние уште во средно училиште го учевме оној Павлов рефлекс. Сега тој е претворен во  политички рефлекс. А тој е,  да се биде член или припадник кон една партија, за да може да се добие некој статус за преживување и тоа со сопствена работа. Мислам дека тоа што се случува денеска е страшно. Тоа е страшно, што кај човекот не се вреднува неговиот квалитет и знаење. Се вреднува само неговата партиска припадност, или пак политичка ориентација, или пак да биде уште погрозно да биде некој приврзок  кон некој голем лидер, кој од симпатии ќе му даде некоја функција од која апсолутно не можеме да видиме никаков аир.  Со тоа тие го деградираат човекот. Ги деградираат неговите знаења, неговиот занает, неговиот ум. Сето тоа денеска се става под маса. Тоа за нашите актуелни политичари не е битно. Доколку имаш пак поавангардни идеи, ти си негов противник што е страшно лошо.

Б.В.: Дали мислите дека во Република Македонија се води  грижа за човекот, којшто во настојувањето да обезбеди гола егзистенција ја напушта државата и заминува во потрага за леб во други држави?

Т.К.: Тоа е најжалната слика што јас ја гледам.  Таа  за мене веќе добива епидемиски размери. Јас разбирам луѓе од економски причини да заминуваат. Меѓутоа денеска се случува луѓе кои се добро ситуирани, добро стручно оспособени да заминуваат од Македонија, не гледајќи перспектива за нивниот натамошен развој. Тоа е нешто што наликува на епидемија и таа епидемија мора да се спречи. Тоа единствено може да го направи политиката и власта, која ќе ја држи таа политика и да се најде некоја “вакцина“ против оваа епидемија, бидејќи поради таа епидемија за кусо време ќе останеме празна држава, во која ќе живеат само  два столба, администрација и пензионери. Ве молам тоа се страшни работи кои се случуваат во Македонија. Ние не смееме тоа да го дозволиме. Ние повозрасните не смееме тоа да го дозволиме. Имаме огромна одговорност пред идните генерации.

Б.В.: Како го коментирате тоа  што голем број млади Македонци  земаат бугарски пасоши и се иселуваат  од Македонија  како Бугари. Дали не мислите дека на тој начин се врши бугаризација на Македонија?

Т.К.: Не знам дали се прави бугаризација, но едно знам – дека Источна Македонија е буквално празна и пуста. Нема ниту индустрија и таа индустрија е толку неплатена што луѓето и со високо образование едноставно земаат пасош и си заминуваат. Длабоко сум убеден дека во Малешевијата тоа се чисти Македонци, дека причините за земање бугарски пасош се исклучиво од материјален интерес.

 Б.В.: Но, тие кои се иселуваат  од Македонија даваат изјави дека се чувствуваат Бугари и дека имаат бугарски корени?

Т.К.: Изјавите дадени дека се чувствуваат Бугари ги даваат бидејќи најголемиот број од нив се со празен стомак, а во таква ситуација секој еден ќе  ви потпише се и сешто. Но, за мене важно е како тој се чувствува во душата.

Б.В.: Дали не мислите дека еден ден Бугарија ќе ги (зло)употреби тие изјави?

Т.К.: Јас се повеќе и повеќе не сакам да верувам во таа работа. Македонската нација е родена. Можеби е најмлада на Балканот. Зборувам како нација, не како народ. Со Блаже Коневски ние го добивме националниот идентитет на кој  пишуваме, се изразуваме, создаваме и кој дефинитивно е признат во ООН како посебен јазик, како македонски јазик. Тука нема бегање. Јас не сакам да се тркам со моите соседи, кои национално се можеби позрели и постари од нас. Тоа  се Бугарите, Србите, Грците, Албанците. Денеска треба да бидеме многу прагматични, јас во сите соседи не гледам непријатели, туку гледам пријатели со кои треба да си го создадеме регионот заеднички да ни биде поубав, здрав, а меѓу себе  да се почитуваме секој со своите вредности и чувства кои длабоко ги носиме во себе.

Б.В.: Како ја оценувате политичката и економската состојба во која се наоѓа Република Македонија?

Т.К.: Со еден збор многу лоша. Многу лоша. Македонија рапидно се задолжува, како на внатрешен, така и на надворешен план, во којшто домашниот бруто-производ, ако го земеме реалниот бруто-производ  без додадениот  од слободните економски зони, во кој Македонија нема ништо освен статистички податоци дека е подигнат БДП. Македонија фактички во последните 10 години назадува. Имам впечаток дека актуелните власти денеска кон странските инвеститори се однесуваат како мајки, а кон домашните стопански субјекти како маќеи. Земаат од домашните стопански субјекти за да им дадат на странските инвеститори. Таа е најпогубната политика која се води во Македонија. Тоа е гранката која ја сечиме, а на која седиме. И тоа еден ден ќе ни се врати, како бумеранг, кога-тогаш. Јас  мислам дека тоа се инвестиции со краток здив  и од краток рок. Тие  не остануват долго. Тие ќе останат  кај нас  се додека имаат интерес. Тоа се т.н. номадски инвестиции,  кои  се селат таму каде што ќе добијат подобри услови, бидејќи не само нашата влада,  во светот има многу други влади кои тежнеат да покажат дека се успешни преку бројки, не преку збогатена трпеза, или збогатен духовен живот на човекот, туку, напротив со бројки. Ако тие бројки се стават на маса дали граѓаните ќе можат да се најадат. Треба реалниот живот да биде подигнат. Што дека се вбројуваме во неколку сегменти како земја со највисок раст.  Луѓето масовно и натаму заминуваат, и натаму сме најсиромашна држава. Со што ние ќе се фалиме. Со бројки? Јас сум практичен човек, јас сакам практично да го чувствувам, а најубаво ќе го почувствувам преку среќниот изглед и лик на обичниот човек, задоволството  што  ќе го има, дека  е добро облечен, добро се храни, културно се надградува, спортски се надградува. Тогаш можам да зборувам за среќно општество.

 Б.В.: Како Вие како, искусен политичар и успешен  бизнисмен  ги коментирате изјавите на првите луѓе на Владата дека Република Македонија е лидер не само во опкружувањето, туку и во Европа по економските  резултати и показатели?

Т.К.:  Со еден збор смешно. Јас како стопанственик кој сум длабоко навлезен и во макро и во микро економијата, за развојот на една земја, тоа се смешни работи.

Б.В.: Кој е Вашиот коментар за одличното 10. место што го зазеде Република Македонија  во рангирањето на Светската банка за Дуинг бизнис?

Т.К.:  Тоа е уште посмешно. Купени податоци мене не ме интересираат. Дуинг бизнис и Светската банка те рангират на база на бројки, податоци. Бројките не ни одговораат. Кажете ми по кои други параметри ние сме над останатите земји во Европа. Дали по лични примања, дали по вработеност, дали пензионерите имаат денеска за живот или чекаат  Владата да им ја зголеми пензијата за нови 10 евра? И тие 10 евра што вам ви значат? Човекот денес е многу посилен капитал отколку што може некој да го купи со 5 или, 8 – 10 евра, па ни со 500 евра. Човекот за мене е најголемото богатство.

Б.В.: Господине Костовски, Вас, јавноста во Македонија, ве доживуваше како политичар, кој требаше да се активира на политичката сцена да ги реши проблемите на Република Македонија. Бевте парламентарец во 2002 година,  а едно време и градоначалник на Скопје. Со Кометал Ѓорче Петров бевте мошне успешен и во спортот.  Сега Ве нема во никоја комбинација за претстојните избори. Дали се уморивте од политиката или доживеавте разочарување во политиката и се повлековте, или пак мислите дека успешни луѓе како  Вас, се непожелни на македонската политичка сцена?

Т.К.: Прашањето ви е сосема коректно. Можеби главниот дел е токму вашето последно тврдење. Јас ниту сум политички пензиониран и не сакам да бидам  пензиониран  се додека ми работи телото и умот и здравјето ме чува, секој пат ќе мислам за доброто на мојата татковина, а во која форма ќе успеат да ме стават партиите во некоја функција, која ќе биде полезна за државата тоа веќе е до нив. Немам намера ниту да правам сопствена партија, ниту некому да му се умилкувам. Имам свои ставови за многу работи во животот, кои се издржани на база на мои длабоки анализи, на база на моето искуство, кое во голем дел го имам стекнато надвор. Со тие искуства јас стојам на располагање на мојата држава, не на партиите. Меѓутоа во нашиот политички свет, за жал, припадноста на партијата и лојалноста кон лидерот се најврвните работи кои се сметаат како доблест, или блискоста. Блискоста нека биде меѓу мудри луѓе. Тие нека се караат, нека аргументираат,  дебатираат, се со цел да дојдат до вистински одговор кој треба да му го дадат на нашиот човек. Дали политичарите какви што ги имаме денеска ќе дојде време да се променат, бидејќи верувајте во едно сум убеден дека политичките актери, кои ја направија оваа криза не можат да бидат истите кои треба да го обезбедат излезот од оваа криза. Овие  избори за мене ќе бидат прочистување. Очекувам дека брзо повторно ќе има избори, бидејќи сум убеден дека на политичката сцена ќе дојдат нови личности со нови визии, нови идеи, како тоа треба да се прави со Македонија. Очекувам да дојдат вистински патриоти. Не патриот кој има предзнак Македонец, или христијанин, патриот кој ќе си го сака прво семејството, своите соседи, своето маало, градот, својата држава, без разлика на неговата национална и верска припадност.

 Б.В.: Како поранешен градоначалник на Скопје, како го доживувате проектот “Скопје 2014“ ?

Т.К.: Големи пари се фрлени за мал ефект. Не можам да кажам дека се е лошо направено.  Меѓутоа тука се згрешени многу работи. Згрешени се концептуално. Јас тоа не го измислив, туку Кензо Танге и Цигаровски, двајцата архитекти кои го креираа модерно Скопје, кои беа делегирани од ООН. Тие утврдија дека по коритото на реката Вардар 20 метри не смее да се гради никаков објект. Оваа локална самоуправа тоа не го почитува и почна да гради, гради, гради… Денес се соочуваме со многу поплави кои се случуваат речиси при секој пороен дожд. Ако мене ме прашате дали требаше тука да се фрлаат толку многу пари јас би рекол не.  Ако сакаме нешто да направиме како туристичка атракција  Скопје ниту било ниту  ќе биде. Тоа е Охрид. А во Скопје доколку избереме тоа е  кањонот Матка кој е природна од господ дадена прекрасна убавина, која мораме да направиме да стане светско чудо. Охрид со половина од овие пари ќе беше поубав град и од Ерусалим.  Во Охрид имаме 360 цркви од кои две-третини се затворени. Зошто? А денеска очекуваме да го прмовираме како најголем туристички  центар. Направи го европски Ерусалим. Направи го Света Гора, направи го она во кое луѓето сакаат да го видат тоа рано христијанство. Скопје 2014 се залудно фрлени пари. Нема друг град во светот на толку скратен простор да има толку многу споменици. Но, барем по нешто сме први во светот. А тоа е по будалаштини.

 Б.В. Кои се Вашите очекувања од претстојните парламентарни избори?

Т.К.:  Тие ќе бидат чистилиште. Победникот тешко ќе се знае кој ќе биде. Чекам дека тесниот резултат ќе доведе до нова политичка криза при креирањето на нова  влада и, како што реков на почетокот, не верувам дека актерите кои се креатори на оваа криза ќе најдат иљач за кризата. Не сум уверен во таа работа. Очекувам брзи избори потоа.

Б.В.: Освен што сте прв човек на Здружението на граѓани “Човекот пред се“, што во моментот работи Трифун Костовски?

Т.К.: Јас сум претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка. Имам големи обврски околу функционирањето на целиот систем. Имаме банка, осигурителна компанија,  “Култура“ е наша издавачка куќа, имаме лизинг компанија, наши се Негорски бањи. Имаме имот во кој настојуваме да го подигнеме нивото и на работа, а и на закрепнување и стабилизирање. Врвевме низ тешки моменти, бидејќи бизнисот е тешко поврзан во Македонија со политиката, а поради мојата самостојност во размислувањата јас можам да посвојам идеја,  потез,  но не можам да бидам слеп поддржувач. Од тој аспект често пати ги чувствуваме малите удари од страна од одредени политички структури. Ги плаќаме, но не се плашиме. Ќе издржиме.

Б.В.: Господине Костовски, како Вие ја доживувате Битола?

Т.К.: Битола  е за мене  најмакедонскиот град. Кога велам најмакедонскиот град тоа го велам од културолошки, еснафски и интелектуален аспект. Така сум учен од мојот татко. Инаку, јас со Битола немам ништо заедничко, ни по мајка, ни по татко. Битола ја чувствувам како нешто  најдрагоцено во Република Македонија. Скопје е мојот град, во кој сум роден, сум  растел, сум се школувал, но Битола има длабоко поголема генеза на нивното битисување, нивниот начин и стил на живот, за разлика од Скопје, секогаш предничела на  планот на културата и била авангардна на планот на  модата, облекувањето… Самиот факт дека била и  е град на конзулите, дава посебен статус уште во времето  на Турската Империја за местото и улогата на Битола, дотолку повеќе што Кемал  Ататурк ги поминал своите  младешки денови во Битола. Тој е град со длабоки цивилизациски вредности.

Б.В.: Кога ќе го слушнете зборот Битола на што прво ви асоцира?

Т.К.: На песната “Битола, бабам Битола“, на Широк Сокак, на Пелистер, на Манаки…

 

Менде Младеновски

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*