Од Царинската управа информираат дека минатата недела при контрола на 25 објекти во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен и Демир Капија царинските службеници откриле 3 случаи на нелегална продажба на алкохол.
Со цел подигање на свеста на граѓаните и нивно информирање за опасноста од купување на нелегални алкохолни пијалаци, како и спречување на нелојална конкуренција, Царинската управа започна со кампања „НЕ за нелегални алкохолни пијалаци”.
Од Царинската управа информираат дека од минатиот мај досега извршени се околу 500 контроли, при што се откриени 102 прекршоци и запленети се над 4.000 литри алкохолни пијалаци, 14 килограми режен тутун и 140 кутии цигари.
Минатата недела при контрола на 25 објекти во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен и Демир Капија царинските службеници откриле 3 случаи на нелегална продажба на алкохол. Од запленетите алкохолни пијалаци најголем дел е домашна ракија.
Контролите на акцизните добра, како што појасни директорката на Царината Наташа Радевска Крстевска, покажале дека нелегалната продажба на алкохол е присутна и оти се откриени неправилности кај повеќе од 20 проценти од контролираните субјекти.
– Нелегалната ракија која се продава воопшто не е проверена од здравствен аспект, во повеќето случаи е откриено дека во амбалажа на реномирани производители во угостителски објекти се става и служи друга, нестандардизирана ракија, а јавноста воопшто не е свесна за последиците врз здравјето од консумирање здравствено неиспитани алкохолни пијалаци, вели Радевска-Крстевска. Најголемиот дел од нелегалниот алкохол е од домашно производство, а мал дел од увоз.
Во зависност од наодот при контролата Царината кога ќе открие неправилност изрекува мандатна казна од 750 евра за правното лице, 250 евра за физичкото лице, како и 30 проценти за одговорното лице, а го одзема нелегалниот алкохол кој потоа се уништува. Мандатната казна за трговец поединец изнесува 500 евра.
Ако се повтори неправилноста тогаш се применува мерка за забрана за вршење дејност, а кај случаи со значителна имотна корист се изрекува затворска казна од една до десет години затвор.
Со контролите и кампањата се опфатени и пазарите. Доколку се затече продажба на нелегална ракија, за физичките лица следува прекршочна санкција.