Битола, градот на конзулите, или клавирите како што обично самите милуваме да се нарекуваме, или да не нарекуваат, деновиве повторно беше цел на нецивилизациско и вандалско однесување на некои наши несовесни вандали.
Таман ќе помислиме дека вандалите конечно се култивирале и не мислат повеќе да го скрвнават својот град, во кој ние и тие заедно живееме, тие повторно ќе се појават со некое ново “дело”.
Деновиве некои несовесни наши (со)граѓани својот револт или бес, го искажаа уништувајки ги постојките на автобуските станици во градот.
Откако локалната самоуправа по неколку години конечно ги среди автобуските постојки и тие заличија како во некои цивилзациски градови, засега непознати вандали ги уништија, кршејќи ги.
Колку и да се обидувам да си објаснам самиот себе што е тоа што ги мотивира и тера тие наши (со)граѓани на таков начин да ги уништуваат постојките, сепак за жал, не можам да си објаснам.
Тоа што посебно ме разочарува е што постојано тие вандали остануваат непознати за битолската јавност.
Полицијата барем досега, не само во овој случај со автобуските постојки, туку и во други примери, не ги идентификува(ла) вандалите.
Во изминатиот период Битола во многу наврати беше цел на многу други испади на некои вандали.
Бројни се нивните “успеси”. Исчкртани фасади, пишување графити на видни места и објекти со културно историско значење, уништени фасади, исчкртани ѕидови, оскрнавени споменици на народни хериои, уништени играчки во новиот забавен детски парк, искршени клупи, сијалици и канделабри кај Шеталиштето, откорнати цвеќиња, украдени дрвца…
Такви, или слични примери ги има во огромен број.
Но за жал за сите тие вандалски и нецивилизациски испади никој досега не сносел последици.
Сите такви уништувања, кои ги правеле поединци биле плаќани со народни пари.
Засега Битола ниту претходната, ниту сегашната власт не успеа да се справи или заштити од таквите вандали.
Како што стојат работите во справувањето со нив не помогнаа ни бројните камери кои се поставени во градот, или на јавни објекти.
Некој ќе рече што трошиме мастило сега за вандалите кога граѓаните во овој момент се соочуваат со далеку поголеми и посериозни проблеми од овој со вандалите.
Можеби некој ќе си помисли дека овој текст го пишувам во недостиг на друга идеја.
Не! Напротив.
Го пишувам токму сега, откако вандалите ги искршија автобуските постојки, кои по толку многу години локалната самоуправа ги возобнови.
Неодамна кога бев во посета на Русија, забележувајќи го моето воодушевување од чистотата на Москва, прекрасно уредените паркови, цветни алеи, дрвореди… волонтерката која се грижеше да ми ја доближи Москва, на моето прашање како може толку чисто да се одржува и кој се грижи за хигиената во Москва дословно ми рече.
- Москва е чиста, зошто никој не ја загадува.
Во Москва едноставно грижата за чистотата на градот не е само грижа на комуналните работници, туку на сите Московјани.
Во Москва седиштата во автобусите или метрото се нови како вчера да биле поставени.
За време на посетата на Москва гледајќи го сето тоа многу пати се запрашав дали и ние не можеме како Московјаните така да се однесуваме.
Што е тоа што ги тера некои наши несовесни (со)граѓани да си го уништуваат сопствениот град, во кој тие живеат.
На ова прашање засега не само јас, туку убеден сум дека малкумина во градот имаат одговор.
Одговор на ова прашање убеден сум дека немаат ни психолозите, кои тешко можат да проникнат во душата на вандалите и да добијат одговор на прашањето кои се тие нагони или мотиви што ги тераат да го уништуваат имотот на градот.
Веќе за нас како народ и нација станува загрижувачко сознанието дека ние некои лесно градиме некои работи, но многу тешко знаеме и умееме да ги одржиме, заштитиме или зачуваме.
Мене ми е сосема јасно дека вандали или хулигани имало и ќе има. Од нив не страда само Битола. Од таквата хронична болест се “заразени” и другите градови во државата.
Кај нас одамна е врежано правилото да се грижиме само за тоа што е (лично) наше, до својот куќен праг.
Другот имот кој не е наш и му припаѓа на градот го сметаме за туѓ и тој не само што не треба да се одржува или чува, туку може и да се уништува.
Се додека не се смени таквото однесување, Битола не само што нема да биде град на конзулите или на клавирите, туку ќе биде град во кој туристите ќе можат да ја видат нашата грда слика на несовесни и неодговорни граѓани.
А кога сме такви какви што сме, тогаш зошто се чудиме дека сеуште сме таму каде што сме, во Балканската крчма, каде што не се знае ни кој пие, ни кој плаќа и каде што секој смета дека има право да уништува и демолира, а за тоа не само да не одговара, ни морално, ни кривично, ни парично, туку и да не плати.
Се додека туѓите испади ги плаќа народот, таквото однесување убеден сум дека нема да се смени.