Под мотото “Правда за Јана “ вечерва во Битола ќе се одржи протест пред Основното јавно обвинителство.
Протестот се организира по објавувањето на јавнообвинителската одлука во која стои дека за смртта на малото девојче нема кривична одговорност кај здравствените работници.
Семејството на малата Јана не е задоволно од одлуката на ОЈО и најави меѓународна експертиза на целиот случај.
Инаку деновиве Основното јавно обвинителство Битола до семејството на починатата го достави интегрално извештајот од Институтот за судска медицина во кој експлицитно е наведено дека во постапувањето на медицинскиот персонал која го лекувал девојчето на 22.03.2023 година не се содржани елементи на кривичното дело несовесно лекување болни од член 207 од КЗ или некое друго кривично дело кое се гони по службена должност.
Имено, согласно вештиот наод, утврдено е дека постапките на сите здравствени работници кои биле вклучени во лекувањето биле во согласност со сите правила и начела на медицината. Имајќи го предвид ваквото вештачење кое беше засновано на целокупната медицинска документација, здравствената историја на починатата и наодот од обдукција, како и исказите на испитаните здравствени работници и на родителите, обвинителството достави известување до семејството дека во конкретниот случај нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување.
Основното јавно обвинителство Битола останува отворено да ги разгледа сите евентуални иницијативи за дополнителни проверки кои ги најавуваат застапниците на оштетеното семејство, иако до овој момент такви иницијативи не се пристигнати во надлежното обвинителство. Исто така, материјалите врз основа на кои се вршеа сите вештачења се наоѓаат во обвинителскиот предмет и ќе им бидат достапни на оштетените со цел доколку имаат потреба да извршат и независна експертиза.
Инаку смртта на Јана во голема мера предизвика стрест и кај вработените во Детското одделение, па така од пред некој ден во оваа одделение поради недостиг на специјалистикки кадар дежураат лекари специјалисти од ЈЗУ Институтот за белодробни заболувања кај децата “ Козле“ во Скопје.