Како времето поминува сите поранешни држави на Југославија мака мачат некако да се качат на возот кој вози кон Брисел, упс Берлин. На Словенија прво и појде од рака зато што таа секогаш беше некако понапред од сите други членки на Федерацијата. Хрватска конечно по долго чекање минатата година се качи на возот но, Хрватите велат залудно е качувањето, промените се на полошо. Па некогаш и ние знаеме да си го поставиме прашањето што ќе бараме во ЕУ? Дали ние сме за таму, или пак само политиката и ситуацијата во Европа не тера да мислиме повеќе на ЕУ и НАТО отколку на домашните случувања? Па добро, како за утеха ние не сме единствена држава која чека на перонот за Берлин и пред неа гледа само да турка она што му налага ЕУ, во овој кош се и Србија, Албанија, Косово и за крај најлошата Босна и Херцеговина, која за жал е многу години поназад од сите нас. Додека ние сите “ стрпливо “ чекаме да се качиме на возот, вечните спасители на овие простори – Србите имаат идеја за како да ги “ раздвижат” државите со кои граничат, тие исти неколку држави кои пред дваесетина години ги натопија со крв. Смешно и иронично е тоа што предлагач на овој пакет интересни предлози е Александар Вучиќ, човекот кој беше министер за информирање во Владата на Слободан Милошевиќ. Слобо кој е најзаслужен за распадот на бившата југословенска држава со неговата изјава: СИТЕ СРБИ ДА ЖИВЕАТ ВО ЕДНА ДРЖАВА! Деновиве тој истиот Вучиќ кој беше член на Српската радикална партија на Војислав Шешељ, кој ги негира сите нации кои живееле во Југославија – македонска, црногорска, босанска, хрватска( овој податок може да се погледне на “јутјуб”), предлага да се отвори Унија на млади и слични “интересни предлози” во кои Србија ќе профитира најмногу. За иронијата да биде уште поголема, овој план е предложен во Германија, земјата која има и тоа како голем удел за распадот на Југославија.
Дел од предлозите на Вучиќ:
1. Иницијатива за формирање на царинска унија за послободен проток на стоки
– ги вклучува Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Албанија
– целта е поефикасно и поевтино движење на стоки
– нема царинење, брз проток на стоки
– да се воспостави надворешна политика кон трети земји
– се отстрануваат проблемите на продавање на стоките на трети пазари и административните процедури се намалуваат
– царинската унија ја зајакнува долгорочната економска позиција на регионот и во Европа и на глобално ниво
2. Формирање на Унијата на млади на Западен Балкан
– целта на Унијата е да се подобри квалитетот на животот на младите луѓе и промовирање на општата меѓудржавна соработка
– Унијата ќе ги вклучува Србија (со вклучување на младите со Косово), Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Албанија
– воспоставување на платформа, работно тело, Секретаријат на Унијата и на регионален фонд
– Унијата исто така ќе имаат канали за комуникација и размена на информации
– првиот и најважен чекор во создавањето на Унијата е сигнал на регионалните власти и институции за младите, преку собир на највисоко ниво
– во план е формирање на регионално координативно тело и секретаријат
3. Реконструкција на железничката пруга Белград-Сараево
– Приближно инвестицијата е околу 525,9 милиони евра
– Србија ќе обезбеди 247,5 милиони и 278,4 БиХ
– Предвидена на релација Белград – Ваљево – Липница(Лозница) – Зворник – Тузла – Добој – Сараево
– Предложено е формирање на работна група на Србија и БиХ, која ќе ги координира работите и ќе донесува одлуки
– Предвидена е и експертска работна група, составена од експерти од Србија и БиХ
– Експертската група за анализа на состојба на инфраструктурата и проценка на очекуваниот обем на патници и стоки
– Експертската група треба и да ги предвиди инфраструктурните активности, процена на средствата за изработка на идејниот проект и изградба
4. Изградба на автопат Ниш-Приштина
– Должина на автопатот е 120 километри
– Оваа инвестиција ќе чини 840.000.000 €
– автопатот ќе овозможи поврзување на Косово со Коридорот 10, за Романија и Бугарија
– За подготовка на сите документи предвидени се 18 месеци
5. Реконструкција на патниот и железничкиот коридор Србија – Црна Гора – Албанија
– Постојат три гранки на коридорот
– Првата гранка е Белград-Подгорица-Бар
– Втората гранка е Белград-Подгорица-Тирана-Скадар
– Третиот крак е Белград – Бијело Поље – Пеќ – Клина – Глогок – Приштина
– Вкупната вредност на работите за модернизација и реконструкција на железничката пруга Белград-Бар е 329 милиони евра
– Се проценува дека реконструкцијата на кракот Подгорица-Тирана е околу 150.000.000 €
– Од Беране преку Бијело Поље до Пеќ нема линии, се планира изградба на 103 километри кои чинат околу 850.000.000 €
– Планот го вклучува и Косово, со еден крак треба да се поврзе со коридорот.
Дали со овој предлог во кој се гледа дека спасителот Србија најмногу би профитирала од овој таканаречен сојуз, Вучиќ ќе ја исполни тогашната желба на Слобо – наместо Југославија државата да се вика Србоманија?
Пишува Даниело Божиновски
Порталот на Битолски весник ги повикува сите читатели на Битолски весник и порталот кои имаат афинитети и сакаат да пишуваат на одредени теми од сите области на општественото живеење, текстовите да ги испраќаат до редакцијата на Битолски весник или на маил адресата.