Во врска со концертот на Петар Грашо на Хераклеја реагираше и министерот за здравство Венко Филипче. Во реакцијата се вели:
Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител. Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.
Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните, се вели во реакцијата на министерот за здравство Венко Филипче.