Don't Miss
Home / Вести / Вежбата „Одлучен удар 21“ – доказ дека „Заедно сме посилни“

Вежбата „Одлучен удар 21“ – доказ дека „Заедно сме посилни“

На „Криволак“ денеска, во присуство на највисокиот политичко – воен врв на Северна Македонија и високи гости од САД и сојузниците, беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, каде беа презентирани офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од Армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф-16 од вооружените сили на Грција.

На настанот се обратија претседателот на Владата, Зоран Заев, Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека е горд на припадниците на Армијата, на нашите офицери и војници за покажаната желба за усовршување и унапредување.

„Тие ги исполнуваат сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво, рамо до рамо со нашите сојузници не само дома, туку и со учеството во меѓународните мисии со кои се гарантира мирот во светот. Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот“, истакна премиерот Заев и додаде дека токму со членството во Алијансата, земјава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедноста.

„Денешното учество на претставници на нашата Армија заедно со нашите партнери од НАТО е резултат на високите достигнувања во техничката и воена подготвеност на нашите офицери и војници, но и на политичка визија со која се имплементираа највисоките демократски вредности“, заклучи премиерот Заев.

Претседателот Пендаровски порача дека со заедничкото планирање и организација на ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат долгогодишното стратешкото партнерство, но и дека оваа вежба има и важна регионална димензија.

 „Во Одлучен удар учествуваат и претставници на армиите на Република Бугарија и Грција со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста“, рече претседателот Пендаровски.

Министерката Шекеринска порача дека моќта на НАТО е во неговото заедништво и дека токму на оваа вежба се покажува единството, сојузништвото, подготвеноста и соработката која може да ја има само најмоќната воено – политичка Алијанса која светот ја познава.

„Вежбата „Одлучен удар 21“ покажува дека членството во НАТО навистина не е само формално достигнување кое ќе го запишеме на хартија и ќе кажеме дека е остварување на нашата стратешка цел. Членството во НАТО е секојдневна практична работа, заедничко вежбање и војување, работа на терен која ја легитимира и Армијата на Северна Македонија како рамноправна, усогласена, еднаква со сојузничките Армии“, рече министерката и додаде дека денеска ние сме сојузник во НАТО кој ја гарантира безбедноста и сигурноста на своите граѓани, а заедно со сојузниците и на сите граѓани во Алијансата.

Шекеринска порача дека изминатите две недели, „пешадиските и специјалните единици на армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија покажаа дека дејствуваат како едно, дека тие се моќта на НАТО, дека македонскиот војник во акција може да го довери својот живот на американскиот, на бугарскиот и грчкиот, или пак да го брани животот на секој свој сојузнички колега, додека се одвива акцијата“. Министерката упати честитки до армискиот тим за беспрекорната организација и благодарност до САД за долгогодишната континуирана поддршка во зајакнување на способностите и интероперабилноста на нашата Армија.

Бригадниот генерал Џед Шаертл, заменик – командант за мобилизација на Вооружените сили на САД за Европа и Африка, изрази задоволство од присуството во Криволак и од можноста од прва рака да се види, како што рече, импресивната можност за реално извежбување во овој полигон.

Генералот Шаертл порача дека токму оваа прва голема вежба по членството на Северна Македонија во НАТО, ја покажува посветеноста на нашата земја и на земјите – учеснички, на Алијансата и дека токму преку ваков тип на вежби ние учиме еден за друг, учиме за опремата и системите, за да можеме навистина да бидеме интероперабилни и меѓусебно да се поддржуваме.

Денот за високи гости го следеа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за внатрешни работи, здравство и финансии – Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, висока делегација од државата Вермонт, САД, амбасадорите на САД, Кејт Мери Брнз, на Грција, Русос Кондурас и на Албанија, Фатос Река, претставници од собраниската комисија за одбрана и безбедност, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на бугарските специјални сили, генерал-мајор Јавор Матеев, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос, како и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.

Вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот „Криволак“ е дел од најголемата НАТО вежба „Defender Europe21“ која годинава се одвива во Европа. Во „Одлучен удар 21“ учествуваат 1.500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија.  Вежбата започна на  17 мај и ќе трае до 02 јуни. Целта на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и извежбување на Лесниот пешадиски баталјон со сојузничките армии како и зајакнување на соработката на конвенционалните и специјалните сојузнички сили.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*