Болницата Плодност е единстената во Македонија која на пациентките им ја нуди можноста за уникатниот начин на породување во вода.
Од воведувањето на оваа метода пред речиси 3 години, до сега со оваа метода има над 60 породувања.
Кои се предностите од породувањето во вода, објаснува д-р Кристинка Пајаковска.„
-Топлината на водата го опушта телото, а тоа за мајката значи намалување на болките. Релаксацијата води до подобра координација на болките кои траат пократко и се поефективни, а со тоа и се намалува и потребата за обезболување. Во водата се зголемува можноста за промена на положбата за време на раѓањето, се олеснува дишењето (родилката диши порамномерно без хипервентилација). Водата делува релаксирачки на мускулите на мала карлица и затоа се намалуваат бројот на повреди на родилните патишта и потребата од епизиотомии – така што се заедно доведува до поголемо задоволство на мајката.За бебето има помалку стрес поради помалата промена на температурата, без промена на средината, т.е имаме породување – „од вода во вода“.
Светлината и звуковите од надворешната средина се поблаги кога се перципираат под вода, па и допирот со кожата на мајката е понежен преку водата.Породувањето треба да се одвива во смирен и релаксиран амбиент, температурата на воздухот да биде 24 степени, без струење, температурата на водата 37 степени. Водата е проточна и лесно масира. Кадата во која се одвива породувањето е специјално изработена од материјал и форма дизајниран за породување и во таков облик им дава комфор на родилката и акушерките за взаемна соработка. Механичкото чистење, дезинфекција и редовни контролни брисеви, како и одводни цевки за еднократна употреба обезбедуваат спречување на појава и пренесување на инфекции.Читајќи ги форумите и од разговорите со нашите пациентки се покажа голем интерес за породување во вода. Во нашата земја досега ниедно родилиште не е опремено за да може да одговори на ова барање. Со комплетната подршка од менаџерскиот тим и директорот на болницата кои инвестираат во сите новини за подобрување на здравствените услуги на пациентките и нивното задоволство, ја усовршивме оваа метода и ја применуваме на задоволство на нашите пациентки“, истакна д-р Кристинка Пајаковска.