Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се прогласени за виновни по обвинението кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во случајот „Организатори на 27 април“.
Вељаноски е осуден на шест години и шест месеци, Ристовски и Јанакиески на по шест години и три месеци, а Атанасовски на шест години.
Според Судот, настанот е плански организиран со единствена цел задржување на власта. Како отежителна околност Судот го зел предвид загрозувањето на животот на пратениците при упадот.
Како олеснителни околности Судот го наведе тоа што обвинетите се релативно млади луѓе, се со високо образование, имаат оформено семејство и се родители, како и тоа дека против нив не се водат други постапки и дека изразиле жалење за настанот.
Обвинителството побара поределување мерка притвор до правосилност на пресудата.
Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието почна на 21 февруари минатата година. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.