Владата на Република Северна Македонија на денешната 23-та седница донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.
Ова е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата.
Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.
Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба.
Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
Владата донесе заклучок и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба.
На денешната 23-та седница, Владата ја разгледа и прифати Информацијата за изменување и дополнување на Уредбата за личностите објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, поради потребата од доуредување на формално-правните одредби во однос на поддршката на Министерството за внатрешни работи од страна на Министерството за одбрана и Армијата на РСМ, а во врска со предлогот за прогласување на кризна состојба во Република Северна Македонија. Измените се утврдуваат во заедничка координација помеѓу горенаведените државни органи и претставник од Кабинетот на Претседателот на РСМ.
На денешната седница, Владата заклучи да се измени Заклучокот донесен на Првата седница на Владата, одржана на 1 септември 2020 година, со кој Љупчо Николовски е определен за претставник на Владата од редот на министрите, којшто ќе учествува на неделните координативни средби во Собранието на Република Северна и го определи м-р Бојан Маричиќ, министер за правда, за претставник на Владата од редот на министрите, којшто ќе учествува на неделните координативни средби во Собранието на Република Северна Македонија.
Исто така беше донесен и заклучок со кој министерот за надворешни работи Бујар Османи беше одреден за потпишување на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и придружните ноти на имплементација на Спогодбата во контекст на протоколот за Ирска/Северна Ирска меѓу ЕУ и ОК.
Владата на денешната седница, во делокругот на кадровски прашања го именуваше Зоран Петров за Национален координатор за имплементација на национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија.