Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 30-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, поддржани и од Главниот координативен штаб за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари.
Согласно овие препораки, Владата донесе измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од КОВИД-19, според кои се ограничува работата на угостителските објекти наместо до 21 часот да биде до 18 часот, освен за угостителските објекти кои остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт).
Дополнително, работата на угостителските објекти до 18 часот, да биде спроведена во рамките на веќе усвоените протоколи за работа. Оваа мерка да почне да се применува од 18 декември 2020 година до 21 јануари 2021 година.
Владата ја прифати препораката да се забрани организацијата и одржувањето на било каков тип на новогодишни прослави и прослави на верските празници, како и забрана за организирање на Нова Година на отворен и затворен простор во организација на сите физички и правни субјекти, вклучувајќи ги и јавните институции, и во оваа насока им се укажува на општините, како и на сите организации основани од локалната самоуправа, дека се забранува било какво групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано, да се откажат.
Во овие мерки е вклучена и забрана за хотелите за организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано новогодишни прослави, да ги откажат како и функционирањето на хотелите да биде во рамките на веќе усвоените протоколи за работа.
Во угостителско сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели и слично) во нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот и да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците, и се ограничува работното време во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти заклучно до 18 часот.
Со овие дополнителни мерки, Владата им укажува на верските заедници за забраната од организирање и групно собирање на, во и околу верските објекти, по повод претстојните верски празници, вклучително и со препораките за прослави во домашни услови, во викендици и низ разни објекти во туристичките локации на територијата на Република Северна Македонија.
Новите мерки опфаќаат и забрана за давање под наем на викендици и други туристички капацитети за сместување на територијата на Република Северна Македонија, за групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за давање под наем на лица од едно исто семејство.
За успешно спроведување на мерките Владата препорачува засилени контроли и инспекциски надзори од страна на полициските службеници и надлежните инспекторати за почитување и спроведување на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19, во претстојниот период на новогодишни и верски прослави кои ќе започнат да се применуваат од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против КОВИД-19 која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како Координатор на набавки во COVAX механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската унија.
Во врска со оваа точка Владата го задолжи Министерството за здравство да го извести Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) и УНИЦЕФ (преку претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ во Женева) дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука услугите поврзани со набавката на вакцини против Ковид-19 во рамки на COVAX механизмот во име на Република Северна Македонија да се вршат преку УНИЦЕФ, врз основа на позитивно мислење на Министерството за надворешни работи и Бирото за јавни набавки дека такво учество на УНИЦЕФ е можно согласно Меморандумот за разбирање помеѓу УНИЦЕФ и нашата земја од 2005 година.
На денешната седница Владата ја разгледа информацијата и донесе одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за воспоставување на електронски систем за следење на акцизни добра.
Со оваа одлука се задолжени Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Министерството за финансии, Царинска управа, Управа за јавни приходи, и сите други министерства агенции и инспекторати, вклучително и соодветните комори, во рок од три дена да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата која во рок од 60 дена до Владата треба да достави предлог правни акти (законски и подзаконски) за функционирање на Електронскиот систем за следење на акцизни добра (track and trace) како и за постапката за воспоставување јавно приватно партнерство.
Согласно информацијата Управувањето со овој систем е целосно во надлежност на Царинската управа со цел да се обезбедат услуги во насока на дизајнирање, финансирање, управување и одржување на интегриран систем за управување, мониторирање и следење на акцизните добра во Република Северна Македонија.
Владата денеска ја разгледа и усвои информација за можноста за спогодбено решавање на 9 (девет) предмети против Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) кои се однесуваат на тековни кривични постапки во врска со незаконското следење на комуникациите, и го задолжи владиниот агент да го извести ЕСЧП дека Владата нема да ја прифати можноста за спогодбата по сите 9 предмети за кои се водат кривични постапки во врска со незаконско следење на комуникациите.
Во образложението во врска со оваа информација се истакнува дека Владата е должна да ги изложи пред ЕСЧП сите аргументи и да ми даде на судот во Стразбур соодветно да ги оцени предметите и дека не е подготвена да ретерира од принципите на владеење на правото, одговорност и неказнивост, со целосна почитување на презумпцијата на невиност до конечна и правосилна одлука.
На денешната седница Владата, на предлог на Комисија за именување ги прифати следните кадровски решенија:
– Драги Чавдаров е избран за независен и неизвршен член на Одборот на директори на Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности НАЦИОНАЛНИ ЕНЕРГЕТСКИ РЕСУРСИ Скопје во државна сопственост;
– Николче Бабовски е разрешен од должноста директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, и е именуван за вршител на должност директор на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија
– Никица Бачовски е именуван за вршител на должност директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
– Зоран Атанасов е разрешен од должноста директор на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија;
– Бојан Лазаревски е именуван за вршител на должност директор на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија;
– Есад Рахиќ е разрешен од должноста в.д. директор на КПУ Затвор Скопје и е избран за управител на Трговско Друштво Нафтовод Дооел Скопје;
– Филип Андов е именуван за вршител на должност директор на КПУ Затвор Скопје;
– Менфи Илјази е разрешен од должноста директор на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, на негово барање, и е именуван за вршител на должност заменик координатор на Националниот координативен центар за гранично управување.
– Адмир Ујкановиќ е именуван за директор на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија.
– Зоран Исајловски е отповикан од управител на Трговско Друштво Нафтовод Дооел Скопје.
– Фатмир Идризи го именува за заменик на директорот во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Владата ја прифати информацијата за оставката на Зоран Ѓорѓиев, од должноста директор на ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални Шуми”- Скопје, и заклучи да му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални Шуми”- Скопје да ја именува Јулијана Николова за вршител на должноста директор на ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални Шуми”- Скопје.
Владата заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие Колекторски систем, за вршител на должноста заменик на директорот, да го именува Фатон Положани.
Владата заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие Национална радиодифузија, за вршител на должноста заменик на директорот, да го именува Мухамед Цури.
На предлог на владината Комисија за именување, врз основа на евалуацијата на апликациите од јавниот повик и врз основа на програмите за работа, Владата прифати:
– Сања Лукаревска да ја именува за директор на Управата за јавни приходи, орган во состав на Министерството за финансии.
– Иљми Селами да го именува за заменик на директорот на Државниот завод за статистика.
– Јован Деспотовски да го именува за директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
– Јовица Стојановиќ да го именува за директор на КПУ Затвор Идризово.
– Марјан Спасовски да го именува за директор на Управата за извршување на санкции.
– Ардиан Муслиу да го именува за директор на Државниот просветен инспекторат, орган во состав на Министерството за образование и наука.