Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција, на која информираа за одлуките и заклучоците од 35-тата владина седница и одговараа на новинарски прашања, честитајќи ги претстојните новогодишни и божиќни празници упатија апел до граѓаните за почитување на мерките и препораките за заштита од ширење на корона вирусот КОВИД-19.
Исто така, изразувајќи сочувство во име на Владата и свое лично име, портпаролите изразија сочувство до семејствата на загинатите во катастрофалниот земјотрес, кој ја погоди Република Хрватска информирајќи за Одлуката на Владата на Северна Македонија за итна финансиска помош во висина од 6.000.000 денари за ублажување на штетите од земјотресот.
На редовната прес-конференцијата беше информирано и за:
– Донесената Одлука за дополнување на Одлуката за отворање на посебна наменска сметка за лицата кои не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои заради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Беше информирано и дека според Законот, од извршителите не можат да се наплатат долговите од отворените подсметки. Беше посочено, дека проектираните 27 милиони евра ќе бидат доставени до сите категории граѓани опфатени со овој пакет економски мерки.
– Донесените измени и дополнувања на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година и измени на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година. Со новата подмерка за предадено винско грозје во регистрирани капацитети се врши дополнување, да можат и малите земјоделски стопанства кои се корисници да аплицираат и да бидат опфатени, како и останатите лозари, со финансиската поддршка од 2 денари по килограм.
Дополнително, поради неможноста сите земјоделски стопанства да обезбедат сертифициран семенски материјал направена е измена со која ќе можат да аплицираат и земјоделските стопанства без сертифициран семенски материјал, со што на производителите на ориз им се зголемува висината на поддршката поради финансиските штети, кои ги имаат добиено од КОВИД пандемијата.
– Утврден е текстот на Предлог-законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор. Целта на Предлог-законот е дефинирање рамка на современ, соодветен и ефективен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој ги вклучува финансиското управување и контрола, внатрешната ревизија и централната координација и хармонизација. Предлог-законот ќе го применуваат сите субјекти од јавниот сектор, вклучувајќи ги и сите правни лица кои директно или индиректно се основани од државата.
– Одлуката за давање согласност за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали на местото на некогашната ТЕЦ „Осломеј“.
На денешната прес-конференција имаше интерес и за повеќе информации и за новиот концепт во образованието за предметот историја, за што беше кажано дека овој предмет не се укинува, туку со новиот концепт се дава рамка, со која се планира основното образование и документот не брише содржини од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржината од предметот историја. Овој предмет останува задолжителен дел од интегрираната наставна програма по општествени науки и интегрираното изучување на историјата и географијата е карактеристично за најголемиот дел земји од развиениот свет и развиените образовни системи, посочија портпаролите.
На прашањето за барањето на производителите на канабис за медицинска употреба, за што поскоро донесување на измените на Законот за контрола на опојни дроги, за овозможување на извоз на цвет на канабис беше речено дека Одлуката треба да ја донесе Собранието, каде имаше одредено блокирање во изминатиот период.
Владата, рекоа портпаролите, во повеќе наврати укажуваше дека е добро законските измени да бидат изгласани до крајот на оваа година за следната да очекуваме преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели, со што ќе се стимулира отворање на нови високо платени работни места.
„Со ова се следат светските и европски стандарди и се носат дома искуствата на држави како Канада, Холандија и Чешка кои годишно заработуваат околу 55 милијарди долари од оваа дејност. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на Владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места“, беше посочено на денешната редовна прес-конференција на портпаролите на Владата на Северна Македонија.
Портпаролите на прашање од интерес на медиумите, информираа и за релокацијата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во нов објекти во сопственост на Владата, со што, како што беше речено, ќе се овозможат просторни услови за испорака на услуги и сервиси за граѓаните што се во надлежност на вработените во Министерството, а во зградата ќе бидат сместени и некои други институции и дирекции во рамки на ова Министерство.