На иницијатива на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Владата донесе одлука да се формира нова државна индустриска зона во Битола.
Во оваа фаза, индустриската зона зафаќа површина од три хектари, а се протега на дел од локацијата каде што претходно се наоѓаше општинската индустриска зона „Жабени“.
Дирекцијата на ТИРЗ првично ќе вложи 1 милион евра за подобрување на условите за работа, со план овој износ да се зголеми на 3 до 4 милиони евра до крајот на 2021 година, вели директорот Јован Деспотовски.
Тој информира дека во соработка со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во напредна фаза се преговори и со првиот потенцијален странски инвеститор за новата зона.
Според Деспотовски, основањето на новата зона е дел од новиот пристап на ТИРЗ и модел преку кој треба да се обезбеди поддршка од Дирекцијата и државата за побрзо креирање подобри услови за инвестиции во општините.
Истовремено велат надлежните, на овој начин се создаваат исти услови за инвестирање и за странските и за домашните инвеститори.