Локалните избори беа и поминаа.
Наспроти сите очекувања и прогнози победник на изборите е опозицијата, предводена од ВМРО ДПМНЕ, која освои повеќе градоначалнички места.
На локалните избори покрај во Скопје, дојде до смена на градоначалниците и во неколку големи градови во државата, па и во Битола.
По само 4 години владеење, СДСМ ја изгуби власта и од пред неколку дена нов градоначалник на Битола е д-р Тони Коњановски.
Иако политичките партии сеуште немаат направено некои подлабински анализи за резултатите од неодамна завршените локални избори, сепак сите укажувања говорат дека на овие избори народот во најголем дел гласаше против не само локалната, туку и за централната власт.
Старите рекле никој не може да ти наштети повеќе отколку што самиот можеш да си наштетиш.
На неодамна завршените локални избори народот одлучи да ја казни власта, како локалната, така и централната и по само 4 години пауза да ја врати на власт опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, против која сегашната власт се бореше цели 11 години.
Како и многу пати досега, од осамостојувањето на државата, народот во Македонија повторно, по кој знае кој пат гласаше против.
Но тоа што е чудно на овие избори против власта не гласаше само опозицијата, или нејзините поддржувачи, туку гласаа и добар дел од нејзините членови и симпатизери.
Илјадници членови на СДСМ, нивни поддржувачи на овие избори го искажаа своето незадоволство од сопствената власт и гласаа против.
Некои од нив тоа го направија незадоволни од неисполнетите нивни лични очекувања и нереалирани соништа, други поради незадоволството од предложените кандидати за градоначалници и начинот на нивниот избор, трети разочарани од изборот на членовите на Советите, некои разочарани од практикувањето на власта на централно ниво и политиките на Владата, (не)справувањето со пандемијата, економската криза, решавањето на спорот со Бугарија, избрзаните и непромислени “реформи “, дадени изјави од страна на власта на актуелни теми, самобендисаноста на локалните шерифи, изневерените очекувања на локалните власти, меѓупартиските кавги, нетрпеливости…
Кога на таквите разочарани “сдсмовци “ ќе им се приклучат и разочараните неопределени граѓани, тогаш сосема е јасно зошто власта на овие избори доживеа тежок пораз.
Причината за поразот на власта треба да се бара и во “веселите математики” кои пред изборите ги правеа некои лидери на партии кои партиципираат во централната власт и кои одлучија сами или со некакви “инстант “коалиции да излезат на изборите за да се уверат колку (не)вредат. Но тоа е тоа.
На овие избори јасно се виде дека народот е тој кој дава и ја зема власта.
Пред судот на народот паѓаат во вода сите комбинаторики, планови, желби, очекувања, суети.
Партиите можат да си прават планови и комбинаторики колку што сакаат, но верификацијата на мандатите мора да го помине судот на јавноста и народот.
Но тоа што паѓа в очи на штотуку завршените локални избори е што илјадници членови и симпатизери на власта овој пат самите си пукаа в нога и работеа во корист на сопствената штета.
Опседанти од својата суета, или заслепение од своите заблуди и (пре)големи апетити голем број членови на СДСМ на изборите работеа не да ја задржат, туку да ја изгубат власта.
Водени од личните желби и амбиции, како и фрустрации, голем број од нив, кога видоа дека не се во игра на добитните места го применија правилото нека му цркне кравата на комшијата, или кога нема да бидам јас, нема да бидеш ни ти.
На овие избори СДСМ е жртва на нејзиното членство, своите политики и заблуди.
А за тоа најголем виновник е раководството на партијата, пред се поради долготрајните комбинаторики и “испитувања “ околу изборот на канидатите за градоначалници и советници што доведе до поделба и разијдување на членството.
Раководството на партијата долго време калкулираше со “анкетите на кандидатите “ држејки ги на тој начин во “стенд бај” ситуација најголемиот број од кандидатите кои беа во игра за градоначалници.
Раководството на партијата сноси вина и затоа што откако ги елиминира некои “сигурни” кандидати не најде подоцна начин да ги “задоволи “ незадоволните, што се рефлектира подоцна на нивната незаинтересираност да се ангажираат на изборите.
Од таквата атмосфера не беше имуна ни Битола, во која сега веќе екс градоначалничката Наташа Петровска, “погодена “од елиминацијата да не биде кандидат за втор мандат водена од својата суета, отворено работеше против партијата и кандидатот Христо Кондовски.
Таквата атмосфера опозицијата умешно ја искористи и извојува сосема чиста победа која дури и неа пријатно ја изненади.
Како ќе успее да ја практикува власта зависи само од неа, зашто на сите избори досега јасно се покажа дека народот е тој кој наградува, но и казнува.
Новиот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, се наоѓа пред голем предизвик.
Битоа и битолчани се исцрпени од децениското чекање да се остварат нивните желби и соништа.