Денеска во Новаци, во присуство на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е отворена нова детска градинка “Бамби “, со капацитет од 50 легла.
-Отворањето на детски градинки во секое катче на државата останува наш приоритет и исполнување на изборното ветување на оваа Влада вградено во владината програма, изјави министерката Шахпаска, која откако изрази големо задоволство што градинката „Бамби“ во Новаци е првата градинка која се отвора оваа година и прва градинка која ја добива Општина Новаци, министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска истакна дека за оваа влада секое дете е важно, независно од тоа дали живее во големите градови, или руралните средини.
Таа посочи дека вложувањето во раниот детски развој, претставува врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика, затоа што градењето на една млада личност која треба да влезе во системот на образование е многу значајно за нејзиниот понатамошен развој.
-Државата и општината финансиски го поддржаа организирањето и функционирањето на оваа јавна установа за која беше потребна финансиска конструкција од 9.500.000 денари. Од нив од буџетот на Општина Новаци и Министерството за труд и социјална политика се издвоени 7.000.000 денари, додека пак 2.500.000 денари, средства обезбедени преку проектот „Одржливо менаџирање на агро отпадот за загревање на рурални средини-Агрочејн, со што обезбедивме ефикасен и еколошки систем на загревање на градинката, истакна градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.
Министерката Шахпаска потенцираше дека Владата останува на планираната проекција до крајот на мандатот , поточно до 2024 година, 60 отсто од децата во државата да бидат вклучени во процесот на воспитание и образование во предучилишните установи.