Don't Miss
Home / Вести / Во октомври почнува изградбата на топлификација на Битола

Во октомври почнува изградбата на топлификација на Битола

  Во октомври месец почнува реализацијата на проектот за топлификација на Битола.

Ова денеска го изјави првиот човек на АД ЕСМ, Ваксо Ковачевски.

-После 40 години постоење на РЕК “Битола“ и децениско размислување за реализирање топлификација, ние, од проект оставен во фиока и тргнат на страна, за само две години стигнавме  до потпишување договор и  подготовка за изградба на топловодот од РЕК “Битола“ до градот Битола.

        Топлификацијата се гради со кредит од германската KFW банка во вредност од околу 40 милиони евра. Дополнително ние како компанија ќе инвестираме 7 милиони евра сопствени средства.

        За разлика од сите претходни најави за изградба на топлификацијата од РЕК до Битола, овојпат има неколку суштински причини заради кои ја уверувам јавноста дека овој проект ќе се реализира.

        Јавниот повик за претквалификација беше распишан во октомври 2019 година, јавниот повик за комплетни понуди за првата фаза беше распишан годинава, а договорот со избраниот изведувач беше потпишан пред 10 дена. KFW Банката, консултантот IC consulenten и нашиот тим од Секторот развој и инвестиции вложија максимални напори во 20 месеци да спроведат успешна постапка и да имаме договорен орган. Тоа е конзорциумот RBA Termo JV, составен од три реномирани фирми: АД Гранит, Рапид билд и бугарската фирма Атом енерго ремонт, коj ги исполни сите критериуми на KFW банката како кредитор и на нашата компанија како инвеститор, односно нарачател.

        Изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК Битола до градот Битола, како и секундарна мрежа во градот. Веќе следниот месец, започнуваат активностите на терен, по што ќе биде поставена потстаница која ќе го поврзе РЕК Битола со цевките, а потоа и потстаница на влезот на Битола која ќе го поврзува топловодот со разгранетата мрежа низ градот.

        Планот е на топлификацијата, на почетокот да се приклучат 35 општински и државни  институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.

Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион.

        Сакам да потенцирам дека овој проект за Топлификација што го реализираме, АД ЕСМ го направи економски исплатлив, што не беше случај претходно. Имено, со предвидената изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола за производство на електрична и топлинска енергија, инвестицијата во топловодната мрежа станува економски оправдана во иднина. Претходно беше нејасно што ќе биде со топловодната мрежа кога РЕК Битола ќе го замени јагленот со еколошки прифатливи ресурси за производство на струја. 

        Кога сме кај екологијата, еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни, односно со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината, рече во својата изјава генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*