Don't Miss
Home / Uncategorized / Во пресрет на Големиот Христијански празник Велигден

Во пресрет на Големиот Христијански празник Велигден

Православните христијани се во исчекување на големиот христијански празник Велигден.

Тоа е празник кој го најавува Христовото воскресение.

За Велигден велат дека е празник на мирот и радоста, празник кога секој православен човек на оваа планета Земја станува црква и кога човекот се сооединува со Бога.

Иако,  за време на Велигденските празници сите христијани треба да бидат сплотени околу заедничката и единствената молитва, годинашниот празник на Христовото воскресение, го дочекуваме во крајна неизвесност и поделеност, закрвавеност и масовни протести на две спротиставени страни, власта и опозицијата.

Наместо деновиве да бидеме преокупирани со какви бои да ги бојадисаме велигденските јајца, на Битола и Македонија и се случува “Шарена револуција“ во која секоја вечер се “бојадисуваат“ и сквернават спомен-обележјата и фасадите на државните институции.

По одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов за амнестија на инволвираните во аферата “Прислушкување“, во Македонија “воскресна“ народот.

Секој ден се случуваат протести и контрапротести.

Едните се за отповикување на одлуката на Иванов за амнестија и одлагање на изборите закажани за 5 јуни, а ГДОМ е во одбрана на државата и опстојување на одлуката за предвремени избори, на 5 јуни.

Во овој момент кога на Македонија и се случува “Шарена револуција“ добро е што засега протестите не доведоа до судир на закрвавените страни.

Но не е исклучено да дојде и до такви ситуации.

Затоа во овој момент најпотребна ни е Велигденската Христова молитва за мир и разбирање и барем за овие празници во нашите домови да се всели љубовта и молитвата за наше подобро утре.

Со такви желби на сите наши читатели и Христијани им ги честитаме Велигденските и Првомајските празници.

 

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*