Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и заменичките на претседателот, Радмила Шекеринска и Мила Царовска заедно со владиниот економски тим и повеќе министри, денеска одржаа работна средба со претставници на стопанските комори во земјата на која се разговараше за ситуацијата со вирусот „КОВИД-19“ и индикациите врз економијата и животот на граѓаните.
На средбата беше заклучено дека ширењето на корона вирусот е заеднички проблем, дека во оваа ситуација сме сите заедно и дека заеднички треба да ги решаваме проблемите.
„Ви благодарам што одговоривте на нашата иницијатива, денешната средба е многу важна, бидејќи во оваа ситуација за решавање и ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите“, рече премиерот Спасовски на денешната средба на која присуствуваа и претставници на Царинската управа, Управата за јавни приходи и Народната банка.
Премиерот Спасовски нагласи дека денешниот состав на присутни министри и претставниците на бизнис асоцијациите е всушност работна средба на Кризен штаб, кој во овој состав ќе продолжи да биде во редовна комуникација во наредниот период кога се применуваат мерки и се упатуваат пораки во врска со справувањето на евентуалните кризи при справувањето со корона вирусот. Беше констатирано дека пораките и одлуките во врска со корона вирусот се носат и се пренесуваат на централно ниво, дека Владата ќе продолжи со комуникацијата и координацијата со стопанските комори и ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.
„Потребно е сите заеднички да ги почитуваме мерките, кои ги преземаме, бидејќи очигледно е според искуствата на други земји, дека каде се преземени радикални чекори таму има и позитивни резултати за справување со кризата во економијата“, рече премиерот Спасовски информирајќи ги присутните дека комуникацијата и информирањето на сите граѓани се одвива на високо ниво, за да се избегнат дезинформациите, лажните вести и создавањето паника.
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска информираше дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување на нови смени доколку е потребно.
„Компаниите коишто
имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го
направат за да нема застој во работењето, а работниците коишто имаат
деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата. Исто така ги
повикуваме компаниите коишто имаат
можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот“, рече Царовска.
Претставниците
на Владата информираа за дополнителните мерки кои во изминатите два
дена се донесени, а кои се однесуваат на подобрување на информираноста и
достапноста на потребните информации на сите граѓани во врска со
вирусот „КОВИД-19“, преку кол центарот, преку објавување на сите
информации на сајтот на Владата, преку објавувања на сите заклучоци и
мерки од страна на Македонската информативна агенција, Македонската
радио телевизија, како и со секојдневните прес-конференции на министерот
за здравство Венко Филипче.