Don't Miss
Home / Вести / Врачена наградата “Тоде Петревски “ на дописникот на МРТВ од Битола, Стевче Митревски

Врачена наградата “Тоде Петревски “ на дописникот на МРТВ од Битола, Стевче Митревски

               

 Во присуство на  семејството на покојниот новинар Тоде Петревски, новинари и почитувачи на неговото огромно новинарско дело, денеска во Битола беше  врачена наградата на Битолски весник, која го носи името “Тоде Петревски“ на дописникот  МРТВ од Битола, Стевче Митревски.

 Стевче Митревски е добитник на наградата   за новинарство  „Тоде Петрески” за 2022 година, која Битолски весник ја доделува веке 18 години.
        Зборувајќи за ликот и делото на Тоде Петревски, доајенот на битолското и македонското новинарство, главниот и одговорен уредник на Битолски весник, Менде Младеновски меѓу другото истакна дека  Тоде Петревски  беше новинар кој се одликуваше со исклучителна храброст и професионалност, кој цело време додека работеше како новинар  се бореше за вистината.

        Тој со неговите прилози во утринскиот  и пладневниот радио весник на Македонското радио знаеше да допре до јавноста.

Со исто таква посветеност, трудољубивост и самопрегор се одликува и добитникот на признанието на Битолски весник “ Тоде Петревски “, за 2022 година, Стевче Митревски, кој речиси цели 4 децении е во вработен во МРТВ.

Стевче Митревски е исклучително посветен на  новинарската професија,  мошне е трудољубив и голем професионалец, кој новинарството го работи со огромна љубов и посветеност.

Покрај секојдневните бројни прилози, вести и животни приказни, кои ги објавува од Битола, негови позначајни остварувања се сторијата за бабите од Бабино и репортажата за единственото дете од Железнец.
         Добитникот на признанието  Стевче Митревски, во своето обраќање до присутните новинари и членови на семејството на Петревски и студенти на Славјанскиот универзитет истакна дека добивањето на наградата за новинарство “ Тоде Петревски “ претставува не само големо признание за него,  туку и обврска, затоа што  доаѓа токму од еснафот, од најстариот локален печатен медиум во државата и што го носи името на Тоде Петревски, од кој како млад новинар доста научил за новинарството.

-Да се биде колега на Тоде Петревски или да се учи од него претставуваше голема привилегија.Тоде Петревски беше бескомпромисен новинар кој знаеше да се бори не само за професијата, туку и за вистината.

За нас младите новинари во тоа време беше привилегија и да се биде во друштво со Тоде Петревски.

Тоде, или како што ние го викавме Галичо, беше новинар кој ни беше идол на сите тогаш млади новинари. Јас сум среќен што сум добитник на ова признание кое го носи неговото име.Цели 40 години сум во новинарсвото, од почетник  како снимател, а веќе 17 години како  дописник на МРТВ од Битола. И искерн да бидам не се каам што останав во новинарството, истакна Стевче Митревски.

На добитникот на наградата “ Тоде Петревски “ покрај плакетата на Битолски весник, Стевче Митревски доби на подарок и уметничка слика од сопругата на Тоде Петревски, Снежана Петревска, која не го криеше задоволството што годинава наградата на нејзиниот покоен сопруг, Тоде Петревски оди во рацете на Стевче Митревски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*