Децата се нашата иднина и грижата за нивната безбедност е секогаш на прво место. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата континуирано спроведува активности за зголемување на безбедноста на децата во сообраќајот и потсетува дека и децата се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата.
Токму заради тоа неопходно е децата да ги знаат и да ги почитуваат сообраќајните знаци, светлосната сигнализација и сообраќајните правила и прописи.
Во тек е второто полугодие од учебната година и зголемен е бројот на деца во близина на училиштата. Затоа РСБСП упатува апел до децата:
– преминувајте ја улицата само на обележан пешачки премин,
– воспоставете контакт со очи со возачите на возилата кои доаѓаат кон вас, за да сте сигурни дека сте забележани,
– почекајте додека не поминат сите возила пред да тргнете да ја преминете улицата, не зачекорувајте на коловозот сѐ додека не запрат возилата,
– кога преминувате на пешачки премин, не користете мобилен телефон или слушалки.
Истовремено, РСБСП на возачите им препорачува:
– бидете особено внимателни во близина на воспитно-образовни установи, детски игралишта и паркови,
– намалете ја брзината на возилото пред пешачки премин или крстосница,
– секогаш бидете подготвени да го запрете возилото кога се приближувате до пешачки премин или крстосница,
– кога запирате, запрете го возилото подалеку од пешачкиот премин за да им овозможите и на другите возачи јасно да ги видат децата кои поминуваат на пешачкиот премин, за да можат и тие навремено да ги запрат возилата.
Бидете одговорни учесници во сообраќајот. Заеднички да придонесеме ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА ДЕЦАТА ВО СООБРАЌАЈОТ!