Don't Miss
Home / Колумни / Задоценто палење

Задоценто палење

             

        Во организација на ЗНМ и ССНМ новинарите  на Македонија  излегоа на протестен марш од Владата до Собранието и го кренаа својот глас за актуелните состојби во новинарството и понижувачкиот и потценувачки однос во кој се наоѓаат денес  новинарите и медиумите.

-Законите важни за медиумите не се спроведуваат, владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, а државниот “пи-ар” им  ја зема работата на новинарите, снимателите, фоторепортерите. Владата создаде најголема редакција во државата, порача од протестот, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Добро е што конечно новинарите се сетија еднаш и за себе јавно да проговорат за состојбите и проблемите со кои се среќаваат во своето  секојдневно работење.

Но се се плашам да не е  премногу доцна.

На една национална телевизија во Србија, на која учествуваат и голем број македонски пеачи, има една музичка емисија “ Никогаш        не  е доцна”.

Во таа емисија многу пеачи, кои  од разни причини не успеале во младоста да се докажат, сега, во сериозни години ги покажуваат своите  извонредни музички квалитети.

Слушајќи ги како прекрасно пеат и публиката, а и тие самите велат дека штета е што  доцна се сетиле да “пропеат”.

Иако можеби ќе звучи цинично, сепак се се ми се чини дека новинарите (пре)многу доцна се сетија да проговорат за своите маки и проблеми.

Но сепак да се надеваме дека како и во емисијата “Никогаш не е доцна “ така и за состојбата во медиумите сеуште не е (пре)доцна  гласно да се проговори за ако не се решат тогаш барем да се ублажат состојбите.

Долги години, па може да се рече дека дури и со децении најголемиот број од новинарите  молчеа и немаа храброст  отворено да зборуваат за своите маки и проблеми.

Додека најдуваа време и простор  да зборуваат  и пишуваат за проблемите на најголемиот број  оштетени или маргинализирани категории граѓани, од рибари, ловџии, занаетчии, винари, тутунари… тие немаа храброст, ни време ни простор да прозборат за проблемите со кои тие се среќаваа.

Затоа се ми се чини дека протестниот марш кој го организираа новинарите и медиумските работници  во одбрана на професијата дојде задоценто.

На времето во т.н. едноумие,  во самоуправниот социјализам, кога државата ги покриваше сите трошоци на медиумите и кога беше привилегија и чест да се биде новинар, сите обесправени граѓани, кои кога  имаа проблеми и маки,  својот спас го бараа кај новинарите и медиумите. Тие во најмала рака беа рамо за плачење.

-Ќе те напишам во весник! им се “ закануваа” на  тие ги злоупотребуваа и малтретираа.

И кога некој ќе се најдеше на насловните страници во весниците или во ударните вести, за било какви злоупотреби и поигрувања со судбината на луѓето, по правило тоа беше невиден срам за нив, кој тешко можеше да се избрише.

Оттаму  новинарите во тоа време  ги сметаа за Седма сила, која, ако не секогаш, тогаш по правило  беше на браникот на одбрана на обичните граѓани.

Иако не сакам да се стекне впечаток дека  сум насталгичен кон минатото, сепак со своето  речиси пет децениско новинарско искуство  имам  право  да кажам дека во тоа т.н.  “ едноумие “ новинарите иако од страна на властите беа добро и на време платени, сепак  не дозволуваа големата риба да ја јаде малата и во најголем број случаи се спротиставуваа на најголемиот број неправди.

        Денес, сакале да признаат или не  добар дел од новинарите , за добар дел  од состојбата во која се наоѓаат тие,  вината  лежи и во нив самите, бидејќи  дозволија  да работаат под сите стандарди и што во нивните редови се инфилтрираа огромен број  најблаго речено самонаречени новинари, “ фејсбук “ новинари и “фриленсери “, кои  буквално ја доведоа професијата на дното и го девалвираа  новинарството.

        Во ситуација кога со појавата на интернет порталите и социјалните мрежи, секој стана новинар, уредник и сопстевник,  на голема врата во медиумската свера  царува непрофесионалноста, “фејк” и рекет  “новинарството”.

        Денес во Македонија секој може да биде “новинар”.Само за оваа професија не е потребно  никакво образование и квалификација.

        Секој еден кој има мобилен телефон денес стана “ сопственик на медиум “ или  “новинар” , кој не избира начини и методи  како да ја “освои “ публиката.

        Таквите “ новинари “ кои не подлежат на законски санкции најчесто со  лажни, измислени или “копирани “ вести и информации, денес изигруваат големи и релевантни новинарски пера кои имаат многу “ лајкови “ и кои од своите спаслни соби единствено  се  борат за вистината и имаат “храброст” да пишуваат “отворено  “ и “бескомпромисно”

        И наместо да се заштитат од таквите наводни борци за слободно новинарство, новинарите и еснавските новинарски организации, а и некои  (не)професионални медиуми  се фатија  во нивното оро.

         Асоцијацијата на печатени медиуми, која исто така ги прифати и примени дигиталните технологии и социјалните нрежи,   подолго време предупредува(ше) дека во новинарството мора да се почитува професионализмот, етичкиот кодекс и  кредибилното и професионалното  новинарство, каде ќе се почитуваат и применуваат  стандардите.

        Професионалните новинари и редакции  со години предупредуваа на ваквите состојби и да се стави крај на хаосот кој ни се наметнува(ше),  но  за  жал  за тоа никој уво не го болеше и ни се наметнуваше фолозофијата дека тоа е новото време, во кое нема само новинарите да ја информираат јавноста, туку дека тоа е право на сите.

        Денес, откако во државата се накотија  стотици “пи-ар новинари”, самонаречени “фри ленсери” или “независни новинари” новинарската професија е една од најисфирканите професии во државата, на која веќе никој не и верува.

        За жал голем придонес во тоа имаат и властите кои пред десетина години направија вистински  упад во новинарството и кога најголемиот број новинари, сниматели, фоторепортери ги  зедоа од редакциите и како “пи ар “ вработени ги вдомија во министерствата, државните и јавните претпријатија, локални самоуправи, агенции.

        Сите тие “пи -ар” медиумски работници беа ангажирани да  ги промовираат успесите и постигањата на своите “работодавачи”, но за жал најчесто еднострано.

        Па така се случи тоа што сега ЗНМ го констатира дека државата денес има најголема новинарска агенција, која нема потреба од новинари и медиумски работници.

        Таквото цунами голем број од редакциите и медиумите не го издржаа и згаснаа.

        Во Македонија во изминатиот период згаснаа голем број медиуми, а од преку стотина печатени медиуми останаа само неколку кои на прсти можат да се избројат.

        Само во Битола во изминатите неколку години се затворија и згаснаа  бројни медиуми: ТВ Орбис, ТВ Мега, ТВ Меди, Радио  Битола, Радио 105, Радио Делфин, неколку, весниците ЕГО, Без Навреда, Зелена берза, Инфо магазин…

 Дури над 130 новинари, камермани и медиумски работници  во Битола останаа без работа или ја сменија професијата,  но за тоа никој никогаш ништо не прозборе.

        За жал голем придонес во тоа даде и државата која сметајќи дека доколку финансиски ги помага професионалните редакции и медиуми, каде се почитуваат сите стандарди во новинарската професија тоа било наводно корупција.

        На таа јадица се фатија и  новинарските здруженија кои во името на слободното новинарство се откажаа од државната помош или субвенциите.

        Наводно тоа се косело со Европските норми и стандарди.

        А искуствата зборуваат дека во голем број земји во Европа постојат и се применуваат директни субвенции особено во печатените медиуми.

Такви директни субвениции има во  Франција, Австрија, Данска, Норвешка, Финска, Шведска, Холандија…

        Во најголемиот број земји од ЕУ  има и даночни олеснувања и намалување на трошоците за печатените медиуми.

        Укинувањето на субвенциите  од страна на тогашната влада во 2003 година беше директен удар врз печатените медиуми, кои работаат во навистина исклучително тешки услови.

Субвенциите без оглед на тоа што не беа големи овозможуваа повеќето печатени медиуми да опстанат на пазарот.       Нема држава во  Европа и светот без субвенции, или олеснувања по разни основи за печатените  и електронските медиуми.

        Но за жал засега никој нема слух за тоа.

        Наместо со закон да се изнајдат најдобрите решенија за опстанок на медиумите и медиумските работници и да се  поддржуваат медиумите, кои  во извршувањето на својата и те како тешка професија ги почитуваат професионалните стандарди и кодекси, се доведовме во ситуација вистината за тоа што ни се случува да ни ја промовираат некои квази новинари, фриленсери, тик-токери, ју-тубери, кои за да се изборат за еден лајк повеќе подготвени се да пишуваат не против сите кои не ги плаќаат, туку дури и против себе.

Менде Младеновски    

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*