Don't Miss
Home / Вести / Заев :Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите

Заев :Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ги примија и одржаа работна средба со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.

На средбата во Клуб на пратеници министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји ги презентираа предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.

Веднаш после состанокот премиерот Заев даде изјава за јавноста и медиумите којашто ви ја пренесуваме во целост:

„Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и на двајцата, министре Силва, еврокомесаре Вархеји, за вашата професионалност, посветеност и одлучност да помогнете на Северна Македонија, на Бугарија, на целиот Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа, за сите заедно да продолжиме на патот кон прогресот и просперитетот.

Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение.

Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија.

За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија.

После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина.

Тоа го очекуваат и го бараат граѓаните на нашите две земји, тоа го очекуваат европејците, тоа си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот.

Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*