Don't Miss
Home / Вести / Засилени инспекциски контроли

Засилени инспекциски контроли

На денешната редовна прес-конференција, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска го објави усвојувањето на предлогот на Комисијата за заразни болести со кој од денеска стапуваат на сила новите мерки за спречување на ширење на корона вирусот. Работното време за угостителските објекти во периодот од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година се ограничува до 18 часот. Се забранува организирање прослави за новогодишните празници од страна на работни организации, а секако на сила остануваат и сите останати мерки и уреди предвидени со здравствените мерки и протоколи.

Филиповска – Грашкоска истакна дека со цел одговорно прославување на претстојните празници, инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на протоколите кои ги носи Владата на РСМ ќе ги интензивираат теренските контроли и активности.

На прес конференцијата беа истакнати и податоците од спроведените извршени во периодот од 8 декември – 16 декември од страна на Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државен инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства. Извршени се вкупни 6.944 надзори и контроли. Контролите се однесуваат на непочитување на законите, Владините уредби, одлуки, протоколи како и мерки за превенција и спречување на ширењeто на коронавирусот во државата.

Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период извршени се 99 надзори и издадени 18 решенија. Издадени се и вкупно 14.951 решение за изолација и домашно лекување на лица позитивни од коронавирус и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус.

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 5.031 контроли и 510 надзори, а изречени се 30 прекршочни пријави, 60 решенија за констатирани неправилности, како и 30 прекршочни патни налози. Од вкупниот број решенија, во шест случаи изречена е мерка забрана за вршење дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително се изречени соодветни прекршочни платни налози. Станува збор за 2 угостителски објекти во Тетово, 2 во Куманово и по 1 угостителски објект во Скопје и Гостивар.

Во истиот период, Инспекторатот за транспорт извршил 82 надзори и изрекол 13 прекршочни пријави и 8 решенија за непочитување материјални закони. Од вкупно спроведените закони, 29 се извршени по Законот за заштита на населението од заразни болести, при што се издадени 5 прекршочни пријави заради непочитување на Протоколот за превоз на патници за правни лица од Охрид , Штип, Ресен и Скопје.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите 10 дена извршил 669 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрекол 26 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи. Во однос на Законот за заштита на населението од заразните болести, трудовите инспектори во 10 случаи констатирале прекршувања на протоколот за превентивни мерки за сите работни места за што изрекле соодветна мерка и дополнително изрекле 5 прекршочни платни налози од кои 1 ППН е изречен поради неносење на заштитна маска на работно место.

Од страна на Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведени се 46 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона. При тоа, издадени се 3 решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала.

Од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршени се 445 надзори, при што издадени се 13 решенија, 19 едукации и 4 ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување на производи .

Државниот инспекторат за животна средина, во текот на минатата недела извршил вкупно 62 надзори, при што за констатираните неправилности издал 28 решенија со кои правните лица се задолжени да извршат мерења на емисии, да склучат договори за преземање опасен отпад, да изработат Елаборат за заштита на животната средина и да преземат мерки за соодветно постапување со отпадот во кругот на погонот. Дополнително поднесени се и две прекршочни пријави и поведена е една постапка за порамнување, во која е предложено изрекување на глоба согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух во износ од 20.000 евра во денарска противвредност.

Инспекцискиот совет апелираше за почитување на протоколите и владините мерки и препораки за време на празничниот период кој следи, со цел превенирање и заштита од ширење на коронавирусот. Потенцираа дека продолжуваат со работа, со полн капацитет и за време на новогодишните прославувања и неселективно и навремено ќе ги санкционираат сите оние кои го загрозуваат јавното здравје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*