Со проекцијата на македонскиот игран филм “Златната петорка” во режија на Горан Тренчовски и доделувањето на наградите за најдобрите кинематограферски остварувања, синоќа во Битола, беше спуштена завесата на годинашното 37. издание на фестивалот на филмската камера “Браќа Манаки”.
Жири-комисијата во состав: Федон Папамихаил, претседател и членовите Клер Пијман, Владимир Самоиловски, Алин Ташчијан и Ѓокан Тирјаки, едногалсно одлучи “Златаната камера 300” на 37. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” да му ја додели на кинематограферот од Финска, Јани Петери Паси, за филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки”.
Добитник на “Сребрената камера 300“ е Рубен Импенс од Белгија за филмот „Белџика”, додека “Бронзената Камера 300“ ја доби Матијас Троелструп од Данска, за филмот „Бенг генг“ (Модерна љубовна приказна).
Добитник на наградата “Мала камера 300“, од селекцијата на кратки филмови е кинематограферот Лука Коасин од Франција, за филмот „Паркот”.
Федон Папамихаил, претседателот на жирито ја доби наградата “Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, додека наградата “ Голема ѕвезда “ на Друштвото на филмски професионалци од Македонија, за исклучителни резултати во македонската кинематографија му беше доделена на филмскиот продуцент Сајмон Пери.
По доделувањето на наградите, а пред проекцијата на филмот „Златната петорка”, директорот на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, прогласувајќи го фестивалот за затворен го изрази своето големо задоволство од програмата и можноста толку многу великани на светската кинематографијата да учествуваат на годинашното издание на фестивалот.
Инаку завршувањето на фестивалот го проследи еден мал инцидент, кога на сцената непоканета се качи водителката, учесник во перетходниот перфоманс на отворањето во режија на Мартин Кочовски, која фрлајќи ги чевлите на сцената сакаше да го изрази своето незадоволство што во последен момент беше забранет перфомансот на режисерот Мартин Кочовски, со кој требаше да биде означен крајот на фестивалот.
-Фестивалите се прават за публиката. Вие сте таа публика која ја имаше привилегијата да ги види емоциите на добитниците на наградите, спонтано, како нормални луѓе, горди дека се дел од овој фестивал- рече Куновски, кој во контекст на реакциите околу откажувањто на перформансот за затварањето на фестивалот, рече дека некои луѓе иако им е понудено не ја заслужуваат шансата да бидат дел од мозаикот на фестивалот и ја злоупотребуваат.
Тој изрази особено задоволство од посетеноста на проекциите и од бројната публика која ги следеше филмовите на фестивалот.
Б.В.