Во рамките на проектот„ Зајакнување на општинските совети“, Богданци е една од 24 те општини која што преку Форумите во заедницата, со директно учество на граѓаните, успеа да реализира два приоритети, рече заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.
– Уредување на сообраќајниот режим во градот, како и изградба и опремување на фитнес центарот на отворено се два значајни проекти за градот за кои од вкупна вредност речиси 3 милиони денари се поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка. Исто така општината обезбеди опрема за пренесување на седниците во живо, како начин за директно и автентично информирање на граѓаните за работата на членовите на советот и за одлуките што се донесуваат, рече тој.
– Кога граѓаните учествуваат во донесувањето одлуки, општинските совети подобро одговараат на потребите на заедниците. На овој начин граѓаните гледаат на локалниот развој како колективна одговорност. Имено, тогаш се случува одржлив развој, настапува децентрализирано владеење и Општинските совети успешно ја остваруваат нивната улога во мониторирање, донесување одлуки, и одговарање на потребите на граѓаните, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Тејада.
Димитровски истакна дека Владата работи на продолжување на процесот на децентрализација.
– Во фокусот се пренесувањето на нови надлежности и доволно финансиски ресурси за спроведување на локалните политики. Третата најважна работа е обезбедување на услови за транспарентно и отчетно работење на локалните власти. Не може да се зборува за успешна децентрализација, за транспарентност и отчетност без директно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики. Затоа, оваа воспоставена пракса треба да обезбеди одржливост. Локалните власти и граѓаните се партнери во донесувањето на одлуките. Одлуките донесени без учество на граѓаните можат да бидат легални, но без обезбеден легитимитет, потврден од граѓаните се доведува во прашање и взаемната доверба и нивното спроведување, рече Димитровски.
Според него демократијата значи постојано инсистирање на своите права, активни граѓани кои што ќе преземат одговорност и во конструктивен дијалог со локалните власти ќе работат на развојот на општината, на подобрување на услугите, на создавање на нови можности за себе е за семејството.
– Форумите во заедниците се прифатени од најголемиот број на општини и радува фактот што и без донаторска поддршка тие се живи и општините ги практикуваат, особено кога се креира буџетот на општината. Граѓаните се гласачи, корисници на услуги, но и донесувачи на одлуки, индиректно преку избраните советници и директно преку нивно консултирање. Нивниот глас е важен, не само на избори, порача Димитровски.
Проектот „Зајакнување на општинските совети“ е финансиран од Швајцарската агенција за соработка и развој со имплементација од страна на УНДП. Со првата фаза се опфатени 24 општини, а во Богданци се реализирани проектите „Безбеден граѓанин – Среќен граѓанин“ (Уредување на сообраќаен режим, обележување и поставување на сообраќајни знаци во вредност од 2.150.000 денари) како и проектот „Поврзување на младите преку спортски активности“ – Изградба и опремување на Фитнес центар на отворено во вредност од 550.000 денари и дополнителни 1.600.000 денари обезбедени со кофинансирање на општината.