Одобрен е анекс договор за финиширање на автопатот Миладиновци-Штип, обезбедени се финасии за непречено работење на Колска. Потоа препораки за излезни решенија за затекнатата состојба во ЕЛЕМ се донесени на денешната 27 по ред седница на Владата, соопшти информативната служба.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, владата ја разгледа информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци–Штип и патна делница Кичево-Охрид, заради склучување на Анекс кон Договорот за изградба на патна делница Миладиновци–Штип.
На седницата беше разгледан и прифатен текстот на Анексот кон Договорот за изградба на патна делница Миладиновци – Штип заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата Синохидро.
Владата донесе одлука со која се овластуваат Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски и Зоран Китанов – в.д. директор на Јавното претпријатие за државни патишта да го потпишат Анексот број 1 кон Договорот за изградба на патна делница Миладиновци – Штип, откако тој ќе помине и ќе биде усвоен низ процедурата во Соранието на Република Македонија.
На денешната седница, врз основа на информацијата за надминување на состојбата во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ дооел (Колска Велес), донесе одлука за финансиска поддршка на „Колска“, со цел воспоставување на редовен тек на работите во фабриката и грижа за работниците. За оваа цел на седницата е донесена одлука за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот на Република Македонија за 2017 година, најдоцна до 15 септември.
Посебно внимание на денешната седница беше посветено на информацијата за затекнатата состојбата во АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во периодот од почетокот на оваа година, до 1 август.
Според оваа анализа, производството на електрична енергија во ЕЛЕМ е во континуирано опаѓање, додека, пак, потрошувачката на јаглен и мазут, по произведен мегават електрична енергија, е во постојан пораст. Оваа нелогичност во работењето на ЕЛЕМ, според согледувањата во информацијата, се должи на несоодветната ревитализација на соодветните капацитети за електрична енергија, како и на недомаќинското работење со склучување на скапи договори со надворешни компании од поранешното раководство.
Карактеристика во затекнатото работење на АД ЕЛЕМ е прекумерната и непродуктивна превработеност, а за платите и хонорарите на преку 5489 вработени и ангажираните лица со авторски договори, во 2016 година биле потрошени 56,8 милиони евра.
Како исклучително високи трошоци за разни услуги, највисоки се оние за услугите на адвокатски канцеларии во земата и во странство, кои за три години изнесуваат 2,5 милиони евра.
Како заклучок на денешната седница, Владата на РМ му препорача на новото раковдство на АД Електрани на Македонија, да предложи излезни решенија за оваа ситуација во која се наоѓа компанијата, да ги стави во употреба сите капацитети за да го зголеми производството на електрична енергија за да се избегнат евентуални проблеми со недостигот на струја и за да се избегне фактот кој навестува најниско производство на електрична енергија во историјата на ЕЛЕМ.
На денешната седница, владата сугерираше дека за оваа состојба, во која е доведено ова акционерско друштво на 1 август кога компанијата беше преземена од новиот раководен тим, треба да биде подготвена сеопфатна информација за запознавање на јавноста.
Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за тековната состојба и нивото на резервите на нафта и нафтени деривати, и ја задолжи Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати да достави предлог мерки кои ќе треба да се применуваат од 1 јануари 2018 година, кога треба да почне да се применуваат новите законски мерки за користење на нафтените резерви и кои во голема мерка го ограничуваат користењето на резервите, освен во ситуации кога е значително нарушен пазарот со нафта и нафтени производи.
На денешната седница владата ги разгледа и усвои повеќе годишни извештаи за работењето на одреден број јавни претпријатија, како и Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година на предлог на Јавното обвинителство, при што го зеде предвид мислењето на Министерството за правда, во кое се наведува дека во извештајот не е содржан критички осврт за постапувањето, односно непостапувањето на јавните обвинителства по одредени предмети, како на пример, барањето за законитост за притвор за лица во бегство, како и за нестручното постапување во врска со крвавите настани во Собранието на Република Македонија на 27 април.
Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои информацијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, на предлог Државна комисија за спречување на корупцијата, која до владата достави
„Методологијата за спроведување на анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции“.
Оваа методологија треба да им биде доставена на сите носителите на јавни функции, и до органите на државна управа. Во рок од 10 дена треба да формираат работни групи за самопроценка, составена од административни службеници кои работат на нормативни прашања, и за тоа да ја известат Државната комисија за спречување на корупцијата со податоци за координаторот на работната група. Врз основа на оваа евалуација, Државната комисија за спречување на корупцијата до Владата на Република Македонија треба да достави Информација за спроведувањето на активностите за анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, до крајот на декември 2017 година.
Владата го усвои новиот текст на Информацијата за склучување на договор за соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост, спроведувана од страна на Свисконтакт и Владата на Република Македонија како дел од проектот „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.
Врз основа на усвоената Декларацијата за слободни и фер избори, со препораки за однесувањето на државните служебиници за време на изборните процеси на сите носители на јавни и државни функции, владата денеска донесе Упатство за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации за време на изборниот процес, како една од одредниците на Планот 3-6-9 за итни реформи.
Владата денеска ги врати на мислење првите менаџерски договори за кои требаше да одлучува, согласно одлуката донесена на 26-тата седница на владата, според која сите идни менаџерски договори кои се однесуваат на уредување на односите и обврските на директорите на државните и јавните институции, претходно да бидат доставени до Владата на Република Македонија на запознавање, односно на одобрување, пред негово потпишување.
На денешната седница владата го одобри барањето за задолжување од Општина Липково, со препорака претходно да биде добиено позитивно писмено мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата.