Обвинителството го чека и извештајот на Министерство за здравство за починатата Јана, обдукцискиот наод уште го немаат

Обдукцискиот наод, кој треба да покаже од што почина петгодишната Јана Христовска во Клиничката болница во Битола, сè уште не го добиле во битолското Обвинителство. Кога ќе биде изработен, првин ќе биде даден во Министерството за здравство, па ќе го земе обвинителот. Кога комисијата од Министерството ќе донесе заклучок за постапувањето на медицинскиот персонал – ќе биде предаден и остатокот од документацијата кај обвинителот.

-Обдукцискиот наод не е доставен до Основното јавно обвинителство Битола, но во меѓувреме преземени се повеќе дејства за испитување на настанот. Извршен е распит на повеќе лица, кои имаат определени сознанија, и обезбеден е дел од медицинската документација. Преостанатиот дел од документацијата најпрвин ќе биде потребен за работата на комисијата за оценка на стручноста во постапувањето формирана од Министерството за здравство. По завршување на нивното постапување, Обвинителството ќе го обезбеди и нивниот и извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат во поглед на почитувањето на медицинските протоколи. По завршување на сите проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката – посочи Обвинителството за „Макфакс“.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници што го третирале детето.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека треба да се почекаат извештаите за да се утврди причината за смртта на шестгодишната Јана во битолската болница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*