Денес на 29 април, Битолски весник го одбележува својот голем јубилеј, 56 години од излегувањето на првиот број.
На 29 април 1964 година, пред точно 56 години излезе од печат првиот број на Битолски весник.
Оттогаш, цели 56 години, Битолски весник секоја среда, непрекинато другарува со битолчани.
Деновиве во пресрет на јубилејот, битолчани за Битолски весник искажаа голем број пофални зборови.
– “Битолски весник е бренд на Битола! Првиот буквар на градот, Весник кој ја испишува историјата на Битола, Неуморен сведок и хроничар на Битола, Стожер на новинарството во Битола, Новинарска школа за битолчани…
Тоа се само дел од епитетите кои беа искажани од страна на битолчани за Битолски весник, во пресрет на јубилејот.
Во една прилика сега веќе покојниот новинар и професор по новинарство и комуникологија, д-р Томе Груевски за Битолски весник рече дека тој е Светилник, не само на битолското, туку и македонското новинарство.
На 29 април 1964 година, по повеќе неуспешни обиди, група ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор, по иницијатива на тогашниот секретар на ОК ССРН, Иван Гиновски, и првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски го издадоа првиот број на Битолски весник.
Битолски весник е без сомнение единствениот локален весник којшто успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија цели 56 години без да има прекин.
За разлика од останатите локални печатени медиуми, “Народен глас“ од Прилеп, “Наш весник“ -Куманово, “Полог“ – Тетово, “Вардарски глас“- Велес, “Преспански весник“- Ресен, “Езерски глас“ – Охрид, “Штипски весник“ -Штип, “Актуелности“ – Кочани… кои, за жал поради недостигот на финансиски средства за нормално излегување одамна згаснаа, Битолски весник цели 56 години непрекинато опстојува и редовно излегува.
Тешките пазарни услови на стопанисување, особено во печатениот медиумски простор во изминатите години не го преживеаја и неделнците “Млад борец“, “Студентски збор“, “Дело“, “Старт“, “Зум“, “Национал“, “Пулс“, “Екран“, “Остен“, “Скок“, “Република“, “Жена“,“Денес“, и дневните весници “Македонија денес“, “Време“, “Шпиц “,“Дневник“, “Утрински весник“, “Вест“, “Независен“…
Во својата долга и бурна историја Битолски весник беше иницијатор и реализатор на излегувањето на фабричките весници во РЕК “Битола“, “Иднина“, “Транскоп“, “Битолатекс“, ЗИК “Пелагонија“ “ Графичар“, “Раде Кончар“, “Јавор“, “Занаетчија“.
Битолски весник по издавачките куќи БИД “Мисирков“ и “Развиток“ беше најголема издавачка куќа во Битола, која има издадено над стотина книги, брошури,монграфии.
Воедно, Битолски весник, во сите изминати 56 години, се афирмирал и како организатор на значајни културно забавни манифестации.
Имено, Битолски весник веќе 21 години со ред мошне успешно ја организира својата манифестација “Избираме најуспешни битолчани“ која е мошне ценета и прифатена кај граѓаните на Битола, која одамна битолчани ја викаат битолски оскар.
И покрај тоа што како и останатите печатени медиуми во Македонија и Битолски весник во своето опстојување се среќавал со големи финансиски тешкотии и проблеми и е оставен на ветрометините на пазарната економија, сам да се грижи за својот опстанок, сепак овој весник во сите изминати 56 години ниту еднаш не престанал со излегување и печатење.
Денес Битолски весник е без сомнение еден од најзначајните печатени локлани и регионални медиуми во државата, којшто одамна ги надминал локалните рамки.
Битолски весник цели 56 години е вистински хроничар на настаните во Битола и регионот.
Благодарение на децениската поддршка на читателите и своите поддржувачи и спонзори Битолски весник цели 56 години опстојува.
Денес речиси нема фирма, компанија, институција во Битола која не добива Битолски весник. Тој се пласира во сите битолски фирми, акционерски друштва, установи, културни и јавни институции, поединци, трговски друштва и во речиси сите значајни големи компании и државни институции во Републиката.
Во Битолски весник во изминатите 56 години свој ангажман имале голем број познати новинарски пера, бројни писатели, поети, рецензенти, критичари, колумнисти, сатиричари, карикатуристи, познати не само на битолскиот медиумски простор, туку и пошироко.
За сите овие успеси Битолски весник е добитник на многу признанија и дипломи, меѓу кои највисокото општинско признание, наградата “4-ти Ноември“.