Don't Miss
Home / Колумни / За кого сонцето и изгрева и заоѓа на Исток

За кого сонцето и изгрева и заоѓа на Исток

Кога на 16 февруари 2013 година, одлучив да се кандидирам на локалните избори главни погрди зборови кои членовите на СДС ги упатуваа кон мене беа дека сум предавник, четник, шајкача, Шешељ и што уште не.

Сведоци сме дека главни советници на СДС за доаѓање на власт им беа српски агенции и маркетинг „експерти“. Тие со шајкачата. Тие четниците. Очигледно имале постизборен дил, по приницпот не ти давам риба, туку ќе ти дадам трска да си фатиш риба. Тоа што овие агенции ги советуваа, сега вложеното знаење ќе си го наплатат преку новиот српски кадар на кој му дадоа државјанство за да биде директор на ЕЛЕМ. Тоа значи, еве ви голем бизнис, односно, еве ви шведска маса па послужете се со што сакате.

Кога, Љубчо Георгиевски ја потпиша декларацијата со Бугарите, се сеќавам Бранко Црвенковски на голем митинг во Скопје кој се одржа некаде во мај 2000-та година, за ВМРО-вците велеше цитирам „За нив сонцето и изгрева и заоѓа на исток“. Бранко тогаш доживуваше овации. СДСМ-овците воодушевени велеа „како ли само му текнуваат вакви зборови“. Денешниот нивен лидер, ќе си го потпише како попче договорот со Бугарија, и не води сметка што сонцето „и ќе му изгрева и ќе му заоѓа на исток“.

Во комунизмот, уште Тито додека беше жив, за кои некои уште мислат дека бил диктаторски режим, Македонските политичари слободно го поставувале прашањето за нашето национално малцинство во Бугарија. Откако се оствари нашиот милениумски сон да имаме своја држава. Свој владар. Своја Влада. Свои институции, војска, полиција. Новото премиерче при посетата во Софија,не ни помисли да го спомне Македонското национално малцинство во Бугарија.

Јавно прашувам, зошто бе Македонци правевме сопствена независна држава? Зошто и се радувавме? – За да имаме фудбалска репрезенација која ќе биде на 120 и незнам кое место, која ќе губи од Андора. Зарем направивме држава за да молчиме? И да бидеме понеслободни од тоа што сме биле во Југославија?

Не само тоа, во договорот што треба да го потпишеме за добрососедство со Бугарија, мораме да се согласиме дека се откажуваме од нашиот интерес и грижа за нашето национално малцинство во Бугарија. Знаете ли зошто?

– Затоа што, во нашиот Устав стои грижата за нашето малцинство во дијаспората. Ваквото прифаќање на одредба која ќе стои во договорот, значи и директно кршење на Уставот.

Учебниците мора да ги промениме, и за тоа што ќе учат нашите деца, каква историја ќе имаме ќе мора согласност да ни дадат Бугарските историчари. Убаво си вика Божидар Димитров, „Македонските деца шче учат блгарска историја. Таква, каква то се училе до 1944 година.“

Ќе славиме заеднички Илинден, на востание што е чисто Македонско автохтоно востание. За истото било ветено помош од Бугарија, дури 100.000 војска, но не сме добиле ниту оружје, ниту муниција, ниту дошла војска. И, сме кренале востание со 1.200 востаници кои потоа биле измасакрирани од 18.000-ен турски аскер. Што ќе славиме заедно со Бугарите? Нивната измама? Нивното предавство?

Не ги силувале нивните жени, туку нашите. Не ги убивале нивните деца, туку нашите. Не ги палеле нивните куќи, туку нашите, Крушевските куќи.

Каде е тука помирувањето?
Ако искрено сакаат добрососедство, зошто ќе полагаат венец на Цар Самоил, а нема да положат венец на оние што ѕверски ги убивале. На Ваташките младинци на пример. Што разбирале 17 годишни деца од политика и идеологија? Ги убивале како кучиња по Ваташките долови!

Или 19-те стрелани селани во Дабница? Стрелањето на 8-ми километар во Штип? Цветан Димов го фрлиле од трети спрат на бугарската полиција во Скопје, и се распрснал како лубеница!

Од фамилијата на Ацеви, е жива само Вера Ацева! Братот на Мирче Ацев, Димче Ацев е мачен и свирепо убиен од Бугарите. Неговото семејство го украло неговото безживотно тело и кога сакале да го погребаат, му ги виделе листовите на нозете. Тие биле делкани со нож! Како да е шунка неговото месо!

Ќе биде коректно ако на некои од тие жртви се постави венец. Тоа е вистинска подадена рака и покајание за нечии грешки во минатото. Тоа е вистинско добрососедство.

Како што Вучиќ сакаше да се поклони пред жртвите во Сребреница.

Овде Бојко Борисов вешто го избегнува ова помирување, и ќе положи венец на Цар Самоил. Таму, нашето премиерче си положи венче на Самоил, царот Блгарски. Ако сме мажи, ај да му исклесаме на споменикот на Самоил да пишува „Цар Самоил, цар Македонски“!

Па да видиме како ќе го дочекаат Бугарите. Ште го изгонат. Нема да припари веќе во Блгарската држава.

Е сега, едно интересно прашање. Каде е МАНУ? Не сакам да верувам дека некои академици, некој добивал титули по партиска припадност. Не сакам да верувам дека оваа наша значајна институција, е партиски обоена и нечие ООЗТ.

Кога ќе се спомене МАНУ, мене секогаш ме потсеќа на Блаже Конески. На нашата светиња, кој беше претседател на МАНУ кога јас бев дете. Едно мило, симпатично човече. Се сеќавам со очила со големи рамки и голема диоптрија. „О, тешкото“ и денес го знам напамет. „Везилка“. Таткото на нашата азбука, творецот, кој на нож бил дочекан во Белград за тоа каква азбука кодифицира на нас Македонците.

Каде е деновиве еден интересен лик, академик Блаже Ристевски. Ќе повторам, дете бев кога го гледав на малите екрани како убаво зборува за нашите корени, како прави дистанца од Бугарите. Цела кариера тој човек направи на анти-бугарштината, денес молчи. Ај што тој молчи, можеби е човекот во одминати години па си има други маки. Ама, што молчи неговата ќерка, Лилјана Поповска? Лидер на политичка партија. Таа е позната по уште пожестоки анти-бугарски, а промакедонски ставови.

Честопати се сеќавам, со каква жештина зборуваше за Македонската нација. Кариера направи, зборувајќи против територијалната поделба во 2004-та. Го напушти потпретседателското место во Собрание, се сеќавате? Ни да гукне за тиранска платформа, ниту да гукне за добрососедски договор со Бугарија. Но таа пред некој ден зборува за евтина електрична енергија. Еееј народе, Лиле Поповска побитна и е електричната енергија од Македонското достоинство!

Зборуваше СДС за де-политизација на МВР. Вообичаено е министерот и заменикот да бидат политички личности. Министерот и заменикот се политички личности. Државниот секретар им е член на Претседателство на партијата. Директорот на јавна безбедност, партиски член. Директорот на јавна администрација член на Извршниот одбор на СДС.

Ова се принципите на СДС?

Како беше онаа народната, не ме гледај што правам туку гледај ме што зборувам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*