Новинарот Гоце Михајлоски денеска објави дека дал отказ од телевизија Нова поради повеќе причини – од концепциски, организациски, кадровски, па се до финансиски. Тој својата одлука ја образложи на Фејсбук и напиша дека верувал дека „може да се биде пристрасен, но професионален медиум“.
-Со помали проблеми, дел очекувани за првата година од работата на еден така сложен систем, ТВ Нова функционираше нормално до почетокот на пролетта. Проблемите почнаа откако беше објавен случајот Труст на СЈО во кој меѓу осомничените е и Сеад Кочан. И покрај уверувањата дека тоа нема да се одрази на функционирањето, реалноста се покажа сосема спротивна. Доцнењето на платите веќе стана хроничен проблем, кој, како што читате, деновиве ексалира.
Она што повеќе иритира, и кај мене ја помина границата на трпението е односот на менаџментот кон вработените. За цело време на кризата, никој не најде за потребно да ни објасни на што се должат проблемите и дали има некаков план за нивно надминување. Очигледно имаат други, поголеми проблеми, од судбината на над 100-тина вработени. Се на се, уште едно големо медиумско разочарување, напиша Михајлоски.
Тој се правдаше дека нормално било телевизиите да бираат страна со уредувачката политика.
-Да се биде „провладин“ или „опозициски“ во изборот на темите не е грев, доколку се запазуваат професионалните стандарди и етичките норми во известувањето. Впрочем, така функционираат поголемиот дел од медиумите во пазарните општества – едноставно секој сопственик има одредени политички и бизнис интереси и легитимно е да се обидува да ги наметне во јавниот дискурс. На новинарите е да внимаваат тоа да биде согласно правилата, да нема лаги и клевети, а дали и колку медиумот ќе успее да се наметне во јавноста одлучува господарот на далечинскиот – гледачот. Борбата ние да бидеме професионални во рамки на уредувачката политика, ја водев неуморно секој ден. За жал, некогаш политичките влијанија беа посилни од нас, вели Михајлоски.