Don't Miss
Home / Uncategorized / Заев: Народот избра Слобода!

Заев: Народот избра Слобода!

Во слободна Македонија,
Нека ни е среќен и вековит 8.септември, Денот на независна и суверена Република Македонија!

Ја живееме можноста да ги оствариме своите цели и стремежи, по сопствен избор.
Лично независни, без ограничувања.

Ова не е момент. Ова е избор на живот. Слобода. Тоа е првиот чекор кон остварувањето на другите наши цели: економска независност на пример. Европски шанси, на пример.

Чекорот кон слободата и кон шансите заедно го направивме. Исто како што на 8 септември пред 26 години граѓаните масовно, самостојно излегоа на референдумот и избраа независна Република Македонија, и ние во големо мнозинство, сплотени во различностите, со силна верба во вистината и правдата, избравме СЛОБОДА.

“Тајната на слободата е во храброста“, вели еден писател. И да, бевме храбри. И достоинствено е, заслужено е, не е непристојно ако се гордееме, дека покажавме одважност и храброст да се издигнеме над личните интереси и да застанеме зад државните интереси, секогаш кога и е тоа потребно на нашата држава, Република Македонија.

Така беше:
Кога одлучувавме за независноста на Македонија во 1991 година со нашиот прв претседател Киро Глигоров пред нас, и премиерот Никола Кљусев кои покажаа како се работи заедно за државните интереси,
Кога ја спасивме државата од војна 2001 година,
Кога почнавме да го градиме патот кон ЕУ и НАТО во 2005 година,
Кога застанавме во одбрана на демократијата 2011 година,
Кога се здруживме, без задршка, оваа 2017 година и на државата и донесовме нова, демократска, отворена, проевропска Влада.

Така е сега, кога ги носиме одлуките за новите перспективи.
И уверен сум, така ќе биде и во иднина кога ќе ги живееме придобивките од тие перспективи.
Затоа што, ако нешто е темел на социјалдемокртаската идеја, тоа е нашето чувство за солидарност и слобода. И бидете горди и на тоа.

И сега ми паѓа на памет она што за Ками е слобода.
Тој напишал: “Слободата не е ништо друго освен шанса да бидеме подобри“.

Во право е Ками. Оваа шанса да бидеме подобри е нашата иднина.

Затоа подаваме рака на сите.
Затоа се отворивме за сите.
Затоа работиме со сите. Затоа. Затоа што слободата што денес ја славиме е нашата одговорност.Затоа што човек е најодговорен кога е слободен. Бидејки можностите се негови и изборот е негов. И последиците од тој избор се исто така негови.

Другари, пријатели, почитувани, граѓани,

Имаме златна шанса да покажеме дека можеме да бидеме подобри. Дека знаеме да бидеме подобри. И дека сакаме да бидеме подобри. И да ја осигураме иднината.

Избравме самостојно слобода, демократија и европски вредности.
Е па тоа значи подготвеност да се видиме во таа иднина.

Иднината наша, како граѓани, иднината на Република Македонија, е во ЕУ и НАТО.
Реални се шансите на есен Македонија да добие чиста препорака од ЕК.
Реални се шансите Македонија да стане 30.земја членка на НАТО.
Реалност се економските перспективи, спокој во семејствата, децата дома, нови вработувања, успешни претпријатија, европско образование, современо здравство.

Ги почнавме процесите.
Со зголемувањето на минималната плата, со надоместоците за земјоделците, за стечајците, со намалувањето на давачките, воведувањето на евтината струја, укинувањето на радиодифузната такса, со поддршката за претпријатија, со градењето институции во служба на граѓаните, градењето мостови со соседите, со реформските процеси што ги отворивме, низ инклузивен пристап, со шанса за учество на секој, со политиките на отворени врати кон нашите стратешки партнери ЕУ и НАТО, ја испративме пораката – ние можеме, знаеме и сакаме да бидеме подобри и заслужуваме да бидеме дел од иднината на напредниот, прогресивен свет.

Затоа, паметот во глава, потребна ни е повторно и мудроста и зрелоста со којашто земјата од генератор на криза ја претворивме во мотор на развој.
Патот е пред нас. Патот е чист.
Демократијата е процес, се надградува, не се поседува. Од нас зависи.
Да ги задржиме трпението и вербата и да ја обезбедиме нашата светла заедничка иднина.

Затоа,
Треба слободно да одучуваме на следните локални избори.
Треба да сме отворени за различностите по која било основа и критичката мисла.
Треба да сме подготвени да работиме и дејствуваме ЗАЕДНО.

И не само што треба, туку мора, ако сакаме успехот да биде целосен.

Владата е достапна, отворена, блиска со граѓаните затоа што произлезе од граѓаните.
Тука сум на настан организиран од Социјалдемократскиот сојуз, претседател сум на СДСМ, но и премиер на сите граѓани.

И вас граѓаните, и вас, моите другари, сопартијци, ве охрабрувам:
Сугерирајте, анализирајте, критикувајте, барајте подобро и стремете се самите да бидете подобри.

Тоа е патот да работиме подобро.
Тоа е патот и да си ги охрабриме младите дека е можен подобар живот во нашата Македонија.

Проблемот не е во критиките. Проблемот е ако нема критика.

Додека човек се бори, значи дека е конструктивен и дека сака да придонесе кон подобро во општество во кое што живее. Такви луѓе ни требаат, такви млади, такви генерации.
Гласни. Енергични. Ангажирани. Активни.

Во заедништвото е иднината.
Во заедничките одлуки.
Во заедничката среќа.

Заедно другари до нови победи за сите нас во нашата преубава, полна со шанси и отворени можности, Република Македонија.

Промените се закон на животот. Обезбедуваме живот. На темелуте на минатото градиме иднина.

Нека ни е честит Денот на независна Република Македонија 8-ми септември! Да живее суверена и самостојна Република Македонија!

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*