Don't Miss
Home / Интервјуа / Четвртоноемвриско интервју со Наташа Петровска, градоначалник на Битола: На љубoвта од битолчани, ќе возвратам со дела

Четвртоноемвриско интервју со Наташа Петровска, градоначалник на Битола: На љубoвта од битолчани, ќе возвратам со дела

За три  дена Битола ќе го прослави својот 73 роденден.  Денот, кога на 4 Ноември 1944 година, борците на Седмата македонска ударна бригада влегоа во слободна Битола, нашиот град за првпат во својата седумдецениска  историја ќе го пречека со жена градоначалник. По повод празникот на градот, 4 Ноември, Битолски весник го реализира своето традиционално празнично интревју, со градоначалничката Наташа Петровска. Иако таа   седум дена е прва дама на Битола, сепак,  Наташа Петровска остана истата каква што беше пред преземањето на градоначалничката функција, расположена, ведра, насмеана, комуникативна, непосредна, мотивирана… да даде се од себе на оваа одговорна функција. Тоа што таа деновиве  е буквално презафатена, не беше пречка за неа  да најде време да го реализираме  ова роденденско интервју.

Интервјуто го реализиравме без однапред подготвени прашања, туку што би се рекло од нога.

-Битола  давајќи ми ја огромната доверба да бидам на чело на градот, мене лично ми возврати со љубов. Сега останува јас на моите сограѓани да им се оддолжам со дела, ни рече на почетокот  од интервјуто градоначалничката Наташа Петровска, која на изненадување на општинската администарција, за разлика од претходниот градоначалник, Владимир Талески, на работа доаѓа точно во 8 часот наутро, со својот автомобил, а еден ден на работа дошла и пешки, што е невообичаено за  другите градоначалници.

 

Ќе ја оправдам довербата на битолчани

Битолски весник: Кои се впечатоците што ги стекнавте во изминатите седум дена откако сте прва дама на Битола?

Наташа Петровска:  Иако ова не е најдобра прилика за тоа да зборувам, но тоа со што се соочив на самиот почеток од моето преземање на функцијата градоначалник е што многу работи буквално застанале. Јас не би сакала да зборувам  кои се причините за тоа, дали тоа е поради изборите, или поради некои технички причини. Тоа ќе го утврдиме од  анализата која  допрва ќе ја направиме.

Б.В.:  Кои први потези ги направивте откако ја презедовте функцијата градоначалник?

Н.П.: Откако поминаа протоколораните активности, првото нешто што го направив   беше тоа што ги посетив  сите вработени во општинската администрација, по канцеларии и поединечно  побарав од сите нив професионализам во работата, исполнителност, тоа што е  сосема нормална и очекувана работа во било која организација. Деновиве бев доста ангажирана и околу подготовката на ребалансот на буџетот  со кој мора наскоро да излеземе пред советниците.

Б.В.:  Дали тоа значи дека ќе има ребаланс на буџетот?

Н.П.: Да. Ќе има ребаланс  затоа што има состојби, ситуации, завршени договори, обврски кои мора да се реализираат, бидејќи претходно течеле некои постапки. Општината не смее да биде доведена во ситуација да плаќа пенали за наша неажурност.

Б.В.: Што се планира со ребалансот?

Н.П.: Што предвидува ребалансот ќе образложам пред советниците на Советот на Општина Битола, а истото тоа ќе го сторат и стручните служби.

Б.В.: Вообичаено е кога ќе дојде до смена на власта вработените да се плашат од политички  реваншизми. Дали вие почуствувате таков страв кај вработените?

Н.П.: Јас на сите им покажав добра волја. На сите ним им поддадов рака. Јас впрочем како човек не сум таков кој сака да се реваншира. Затоа нагласив дека  само со професионализам и посветеност кон работата, а времето ќе покаже  кој вработен како ги сфатил тие мои препораки,  вработените ќе ја имаат мојата поддршка. Тоа  ќе биде единственото мерило  по кое јас ќе функционирам со вработените овде. Но допрва ќе ме учат и тие мене,  и јас нив.

Б.В.: Првиот ден кога ја преземавте градоначалничката функција во општината  дојдовте со вашето приватно возило. Дали тоа ќе биде вообичаено за Вас кога ќе доаѓате на работа?

Н.П.:  Со моето возило дојдов на работа не само првиот, туку и вториот и третиот работен ден. Четвртиот  ден си дојдов пешки , затоа што сакав малку да попешачам,  па ја видов  шинтерската служба како работи во утринските часови и како спасуваше едно куче, кое беше паднато во реката  Драгор. Лично мислам дека службеното возило  би требало да биде во гаража, во работните денови кога сум во Битола и тоа треба да се користи само кога се оди на подалечни службени патувања, или за службени посети и церемонии на делегации во Битола.

Б.В.: Во изминатите денови многумина Ви честитаа за победата. Која честитка посебно ќе ви остане во сеќавање?

Н.П.: Генерално сите луѓе  кои ми честитаа беа топли и радосни.  Тоа беше видливо. Тоа го прифаќав исто така со радост. Меѓутоа покрај таа радост постојано кај мене  беше присутно и чуството на одговорност.

Б.В.: За време на изборната кампања имавте бројни средби со граѓаните.  На тие средби што забележавте во очите на битолчани, кои се нивните најчести барања?

Н.П.: Тоа што првично го забележав беше тоа што луѓето сакаат да бидат искрени, реално испочитувани, што нив им треба, да бидат сослушани. Тие се реални и знаат дека  не може се одеднаш да се направи. Но, тоа што го очекуваат  е да нема привилегирани  личности, или месности во градот, да бидат примени, сослушани и во заеднички договор, во зависност од тоа колкави се можностите на општината, колкави  се нивните потреби, приоритетноста,  така да се реалзираат барањата. Но најголем број од проблемите кои ги нагласуваат се најчесто од  областа на инфраструктурата. Месните заедници се доста слаби  и тоа треба да го поправиме, бидејќи на луѓето им требаат врталишта, каде ќе се собираат и ќе разменуваат мислења, ќе се дружат.

Б.В.:  Ова ќе Ви  биди прв роденден  на кој Вие ќе треба да им се обратите на битолчани. Која порака ќе им ја испратите на битолчани ?

Н.П.: Мојата главна порака ќе биде дека општината Битола заслужува повеќе  и може повеќе, дека граѓаните треба со право да го очекуваат тоа.

Б.В: Во изборната кампања понудивте одредени проекти, од кои некои  се капитални. Што ќе правите со  проектите  кои се почнати, а се мошне скапи. На пример како изградбата на  стадионот под Тумбе Кафе.

 Н.П. Факт е дека стадионот е сериозно големо оптоварување за буџетот на општината Битола. Тоа е голем проект   и јас не случајно тоа го нагласував и во кампањата дека централната власт е таа која треба да учествува во проектите кои се поврзани со исклучително големи суми на пари. Но,  едноставно постојат проекти со кои не можете да запрете,  бидејќи во тој случај  доста од вложените средства би биле дадени во ветер. Склучени се договори и доколку истите не се почитуваат ќе мора да се плаќаат пенали, а во ветер би отишло и тоа што е досега направено. Динамиката се знае дека е поврзана со голема сума на пари. Видете, ако ги гледате развојните програми за мене не случајно беше поттуранат проектот со стадионот. Претходниот градоначалник знаеше дека изградбата на стадионот  под Тумбе Кафе е голем залак за  општината. Но така беа поставени развојните програми на претходното раководство. Прво беа предвидени поголеми суми  пари за 2018, потоа 2019 и 2020 година и тие намерно се поместија така да бидат оставени врз грбот на новиот градоначалник. Тоа  е стекнат проблем кој со успешно менаџирање и со помош од централната власт треба да се заврши.

Б.В.: На почетокот од вашиот мандат со кои проекти најпрво ќе се зафатите?

Н.П.: Веќе работам на  изработката на физибилити студијата за гасификацијата. По завршувањето на празнувањето на градот ќе имам средба  во  Министерството за  култура и Заводот и музеј за  реновирање на Офицерскиот дом. Бидјеќи сега се изготвуваат програмите  за идната година, работам на плановите за  изградба на инфраструктурата  во наредниот период, изградбата на улиците ќе бидат апсолутно во фокусот на  моето внимание.

Б.В.: Дали битолчани оваа зима  ќе пијат чај на Копанки?

Н.П.: Чај на Копанки ќе се  пие сигурно, но дали тоа ќе се случи оваа зима, останува да видиме. Иако ќе бидат направени сериозни напори, сепак не сум оптимист, бидејќи периодот кога ја презедов локалната самоуправа е мошне непогоден.

Б.В.: Како ќе се справите со проблемот на  “бесплатниот превоз” на учениците?

Н.П.: Тоа допрва ќе треба да размислиме како ќе го решиме.

Б.В.:  По повод 4 Ноември, со каква честитка ќе им се обратите на битолчани?

Н.П.: Да бидат здрави и живи, да успееме како општина да направие што повеќе за нив, да бидат посреќни.

 Б.В.: Извршувањето на градоначалничката функција сигурно доста ве исцрпува. Како ги “полните” батериите за предизвиците со кои се среќавате?

 Н.П.: Исклучиво со семејството и тесен круг на пријатели ,кои отсекогаш ми биле блиски,  со кои сме комуницирале години наназад. Сите години досега ние таква сме функционирале. Јас ја имам таа среќа што  не само  со моето семејство, туку и со  моите најблиски,  така функционираме,  со топлина. Едноставно така се нахрануваме едни со други. Инаку,  обично сакам да  се релаксирам само во природа, каде е тивко и каде најгласно збоува тишината.А многу сакам и да се рекреирам со возење велосипед.

Б.В.: Откако станавте градоначалник со кого го испивте првото кафе?

Н.П.: Кога од општинската изборна комисија ми беше верификован мандатот јас првото кафе го испив со моите вработени во Техничкото училиште .Следниот ден се видов и со колегите од Екомомското училиште . Искрена да бидам тие сите ми недостигаат. Но сепак тука сме, има време за дружење.

 

 

 

 

Автор: М.Младеновски

Фото: Васка.М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*