Вчера, пред многу жители на Преспа, свечено беше пуштено во употреба осветлувањето на клучката викана “Макази“ која ги спојува регионалните патишта од Битола кон Ресен- Охрид и граничните премини.
Поставени се 31 современа канделабра, со штедливи светилки.
Проектот е реализиран во склоп на програмата за регионален развој за 2014 година и е финансиски поддржан со 2 милиони денари, обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој а е проект за кој деветте градоначалници од пелагонискиот регион се договорија дека е приоритетен.
-Осветлувањето на оваа клучка е значајно и од безбедносен аспект, но и од аспект на тоа што значи подобрување на квалитетот и стандардот на сообраќајниците во Република Македонија- посочи Емилиа Ѓероска, директорка на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
Клучката е од големо значење бидејќи тука се вкрстуваат многу патишта особено во магистралата М5 која води и кон границата со Грција и Албанија и реализацијата има исклучително регионално значење, истакна првиот човек на Општина Ресен, градоначалникот Ѓоко Стрезовски.
– Со поддршка од градоначалниците од пелагонискиот плански регион, Преспа го доби овај значаен проект кој е доста значаен и визуелно и од безбедносен аспект. Безбедноста во ноќните часови со ова осветлување ќе биде во голем дел подобрена- посочи градоначалникот Стрезовски.
В.М.Мл