Порталот „ЕУОбсервер“ повикувајќи се на предлог-документ што треба да биде усвоен на 14 февруари, пишува дека Брисел планира „вратите“ на ЕУ за земјите од Западен Балкан да бидат отворени во 2025 година, но под услов државите од регионот да ги решат меѓусебните несогласувања.
– Нашите партнери на Западен балкан имаат историска шанса. Првпат во историјата перспективата на нивното пристапување има временска рамка, пишува во стратешкиот предлог-документ, со појаснување дека рокот се однесува на „најдобрите сценарија“.
Спроведуањето на реформите и трајни решенија со соседите, придружени со силна политичка волја може да значи дека Србија и Црна гора ќе бидат подготвени за членство до 2025 година.
Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово значително може да напредуваат на европскиот пат, како и дека преговорите за членство би требало да бидат во понапредна фаза.
Овој документ значи значителна промена и во позицијата на Брисел, особно откако претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во 2014 година изјави дека нема да има ново проширување на Унијата во блиска иднина.
Црна Гора и Србија веќе го започнаа преговорите за членство, Македонија и Албанија тоа го очекуваат во текот на оваа година, додека Босна и Херцеговина чека одобрување за кандидатски статус, откако ќе ги достави одговорите на Прашалникот на Европската комисија.
Како преча за амбициозниот план во документот се наведуваат меѓусебните недоразбирања меѓу земјите.
– ЕУ нема и не може да ги преземе билатералните судири. Поради тоа нашите партнери од Западен Балкан мораат итно да ги решат постоечките несогласувања, се истакнува во документот.
Според предлогот на Унијата, граничните спорови ќе бидат дадени на меѓународна арбитража во Хаг, а донесените одлуки ќе мора да бидат испочитувани. Тоа особено се однесува на Белград и Приштина, чија нормализација на односите ќе биде клучна за напредокот кон членството во ЕУ на двете земји.