Don't Miss
Home / Македонија / Жбогар: Треба да се верува во оптимизмот на премиерите Заев и Ципрас

Жбогар: Треба да се верува во оптимизмот на премиерите Заев и Ципрас

Средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас е добра вест затоа што само преку дијалог може да се решаваат проблемите и отворените прашања, изјави денеска во Битола евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Во изминативе неколку месеци двете влади – на Република Македонија и Република Грција навистина воспоставија многу интензивен дијалог се со цел да можат да креираат атмосфера која ќе придонесе кон наоѓање на решение и изгледа дека вчерашната средба меѓу двајцата премиери е темел за подобро разбирање што ќе биде добро не само за двете земји, туку и за целиот регион и за цела Европа и се разбира за сите нас – изјави Жбогар.

Прашан дали го дели оптимизмот дека проблемот ќе се реши до јули и Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ, Жбогар рече дека треба да се верува во оптимизмот на премиерите и владите на двете земји.

Тој најави дека следните шест месеци ќе бидат многу интензивни на релација ЕУ и Западен Балкан.

– Многу работи ќе се случуваат секој месец, работи што не се случувале порано. Европската комисија во февруари ќе ја публикува својата стратегија која ќе обезбеди визија за патот земјите од Западен Балкан за зачленување во ЕУ. Во април ЕК ќе ги соопшти извештаите за прогресот на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ, а во мај го имаме софискиот Самит кој е многу важен самит бидејќи е Самит меѓу Европската унија и шесте земји од Западен Балкан. Тоа ќе биде самит на кој ќе се сретнат премиерите од државите членки на ЕУ и премиерите од земјите на Западен Балкан каде што ќе разговараме за прашања кои се од заемен интерес како за ЕУ, така и за регионот – рече Жбогар.

Во јуни, пак, е самитот на Европскиот совет на кој, како што наведе, се очекуваат многу важни одлуки поврзани со проширувањето на Европската унија и за можно отворање на пристапни преговори со земјите од Западен Балкан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*