Don't Miss
Home / Колумни / Воскресение од духовната сиромаштија

Воскресение од духовната сиромаштија

Уште само неколку дена не делат од Големиот христијански празник, Велигден, ден на  Христовото воскресение.

Граѓаните од католичката вероисповед изминатите денови го прославија воскресението на Исус  Христос.

Токму затоа, во пресрет на Велигден, кој го слават верниците од православна вероисповед,  сметам дека некои пораки кои ги испрати од Ватикан, папата Франциско до верниците, заслужуваат почит и внимание и дека треба да допрат и до верниците од православната вероисповед.

Иако во последно време, особено по паѓањето на комунизмот, во кој ние како народ никогаш ниту сме биле, се повеќе млади луѓе се свртија кон Бога и верата, сепак за некои работи, кои едноставно лесно ги прифаќаме без никаква (само)критичност и заради нашето колективно молчење, треба да се срамиме не само пред господ Бог, туку и пред самите себеси.

Ваквата мисла на папата Франциско изречена во Ватикан, мислам дека е најдобрата порака која тој можеше да ја испрати до верниците за Велигден.

Папата Франциско во беседата за Исусовото воскресение  во Ватикан рече дека луѓето можат да живеат со „здравје, нешто пари и малку забава”, и апелираше за помош на сиромашните и на другите на кои им е потребна, и на давање без притоа да се очекува нешто за возврат.

Поглаварот на Римокатоличката црква Франциско изјави дека тежнеењето кон пари, кариера и успех не треба да бидат основа за нечиј цел живот и го повика народот да се спротивстави на „склоноста кон ароганцијата, жедта за моќ и материјалното богатство.”

„Некои ѕвезди можат да сјајат, но не го покажуваат патот. Така е и со успехот, парите, кариерата, наградите и задоволствата, кога ке станат цел на нашиот живот” наведе папата Франциско, додавајќи дека овој пат нема да ни обезбеди мир и радост.

-Наместо да се однесуваат во согласност со својата христијанска вера, луѓето ги следат (доминантните) принципи во светот, што води кон задоволување на склоноста кон ароганцијата, жедта за мок и материјалното богатство”, рече папата.

На овие не само црковни туку и универзални пораки нема ни што да му се додаде, ни што да му се одземе.

Чест на исклучоци, но се ми се чини дека ние луѓето, едните заслепени од  секојдневните грижи и проблеми, а другите од моќта на парите и власта, во последно време на  пораките и учењето на Христос се сеќаваме само за време на Велигденските чествувања.

Искуството ни покажува дека во најголем број случаи за жал на истите такви господови пораки и евангелиски учења забораваме веднаш по излегувањето од храмовите  божји и завршувањето на молитвите.

Од овој свет во кој живееме, во кој сите божји чеда треба да ги уживаат благодатеите на Христовото учење, за жал безбожинците, кои на Христовите учења се сеќаваат само тогаш кога треба да допрат до душата на народот за да дојдат до нивната патолошка желба за моќ и власт, направивме свет на нерамноправни луѓе, во кој едни  цел живот страдаат, борејќи се самите со сиромаштијата  и луѓе кои не знаат што да прават со енормните богатства кои ги “спечалиле” не само за време на нивниот животен век, туку и за неколку поколенија.

Тие кои не знаат што да прават со своето богатство едноставно заборавиле да ја поделат својата среќа со несреќата на другите и сиромашните.

На нив тие се сеќаваат само тогаш, кога треба да изигруваат филантропи и добродетели и кога ќе бидат јавно повикани на  солидарност.

Тие заспелепени од своите клептомански апетити и навики едноставно заборавиле на другите и нивните маки.

Нивната најголема грижа е грижата кон своите, кон најближните.

Успехот , парите, кариерата, наградите и личните задоволствата се главните принципи кои ги водат нив во животот.

Крстејќи се во народот, тие најпрво кој го  забораваат  е токму  тој народ, кој го оставаат цел живот да страда и да живее во лажни ветувања и лажна надеж,  дека следното утро ќе му биде подобро и посреќно за нив.

Токму затоа во право е папата Франциско кога вели дека ние како верници и божји чеда треба да се засрамиме зошто заборавивме на приципите и учењата на Исус.

Затоа во моментот кога  народот се врати кон верата, нам ни е потребно воскресение на нашиот дух.

Веќе е крајно време сите ние да си признаеме дека за ваквите состојби и ние самите сме виновни, зашто дозволивме безбожниците да ни продаваат божји учења и с украдени пари да ни градат цркви, каде ќе с емолат и тие и народот.

Господ Бог ни покажува  како треба да се однесуваме кон човекот.

Тој со своите постапки и учења ни го осветли патот, по кој треба да одиме.

Во пресрет на Големиот Христијански празник Велигден треба сите ние конечно да сфатиме дека  треба да  се свртиме кон верата и Исусовото учење.

Крајно време е да ги почитуваме вредностите на кои постојано ни укажува нашиот Господ Бог.

Во измаинатите години видовме и се уверивме колку луѓе кои за време на своите  мандати изигрувале наши светци и богови, подоцна биле фрлени на буништето на историјата.

Трајните вредности на кои не учи Бог се тие кои се нашето најголемо богатство и единствено  остануваат во сеќавање на луѓето.

На тие вредности во наредните денови ќе не потсетат повторно нашите црковни достојници.

Па време е конечно истите не само да ги сфатиме, туку и да ги прифатиме.

Со таква порака Ви го честитаме Христовото Воскресение и на сите верници и наши читатели им ги  честитаме Велигденеските празници.

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*