Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес имаше средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп. Амбасадорот се интересираше за можностите за развој на Битола, со посебен акцент на областите во кои може да помогне Холандија.
Градоначалничката го запозна амбасадорот со актуелната состојба, но и со перспективите за развој на општината, посебно нагласувајќи ја можноста која ја нуди Националниот парк Пелистер, а беше разговарано и за потенцијалните можности за соработка помеѓу битолските фирми со фирми од Холандија.
Амбасадорот ги потенцираше предностите на заштитата на околината и производството на електрична енергија од обновливи извори, како што е сончевата енергија, притоа од страна на градоначалничката беше информиран дека во околината на Битола, постојат неколку објекти на фотоволтаични централи, како и дека треба да се стимулира отворањето на нови капацитети од тој вид.
На средбата, беше ставен акцент и на можностите за перспективно надоградување, како и размена на мислења за зголемување на можностите за искористување на средствата од ИПА фондовите, од страна на Општина Битола.